• четврток, 05 декември 2024

Хрватска: Кандидатот на ХДЗ Драган Приморац ги поднесе потписите за претседателска кандидатура

Хрватска: Кандидатот на ХДЗ Драган Приморац ги поднесе потписите за претседателска кандидатура

Загреб, 4 декември 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и нејзините политички партнери Драган Приморац денеска до Државната изборна комисија (ДИК) предаде предлог- кандидатура за претседателската функција. Тој дојде во ДИК придружуван од премиерот и претседател на ХДЗ Андреј Пленковиќ и други високи претставници на таа партија и влада.

Пленковиќ пред новинарите во Загреб рече дека Приморац е обединувачки претседател и дека, со оглед на поларизираната ситуација во хрватското општество, ова е клучната порака што тој ја испраќа.

- Време е Хрватска да ја сврти страницата, (актуелниот претседател) Зоран Милановиќ да стане минато, а Драган Приморац да стане иднината на Хрватска. Хрватска да не оди на исток каде што Милановиќ не турка, туку кон запад, каде што сака владата и нашиот кандидат Драган Приморац, нагласи Пленковиќ.

Приморац рече дека поднел нешто помалку од 110.000 потписи и процени дека само победничкиот тим може да собере толку многу потписи за четири дена.

- Мојата програма нуди интеграција со западниот свет. Луѓето ќе имаат можност да избираат меѓу Запад и Исток, работа и неработа, агресивна Хрватска предводена од актуелниот претседател, рече кандидатот на ХДЗ.

Приморац (59), лекар и научник, се најави како независен кандидат, а набрзо зад него застанаа премиерот и ХДЗ. Тој беше министер за образование и наука во владите на Иво Санадер (ХДЗ) во текот на 2000-тите. Тој веќе беше кандидат за претседател на Хрватска на изборите во 2009 година, кога како независен освои само околу шест отсто од гласовите. Во пресрет на тие избори ја врати членската книшка на ХДЗ.

Кандидатурата за втор петгодишен претседателски мандат вчера поднесе актуелниот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој е поддржан од неколку помали партии од центарот и левицата, предводени од најголемата опозициска Социјалдемократска партија (СДП) на Хрватска.

Тој рече дека ќе продолжи да стои против тоа што „една партија и еден човек ја тресат Хрватска и прават што сакаат“, мислејќи на премиерот Пленковиќ и ХДЗ, оценувајќи дека во земјата се загрозени демократијата и плурализмот.

Покрај Милановиќ и Приморац, на редовните претседателски избори на 29 декември има уште 12 потенцијални претседателски кандидати. За кандидирање потребно е да се соберат најмалку 10.000 избирачки потписи, а рокот за поднесување е 10 декември на полноќ.

Меѓу позначајните, кандидатури најавија и независната пратеничка Марија Селак Распудиќ, пратеничката и кандидат на партијата Можеме Ивана Кекин и пратеникот на партијата Мост - Миро Буљ.

Официјалната кампања започнува на 13 декември и ќе трае до 28 декември на полноќ, односно 24 часа пред изборите.

Доколку ниту еден кандидат во првиот круг не освои мнозинство гласови од сите гласачи кои гласале, двајцата кандидати со најголем број гласови влегуваат во вториот круг на 12 јануари 2025 година.

Според анкетите, главен фаворит е актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кој е далеку пред второпласираниот Драган Приморац.

Анкетите предвидуваат дека двајцата сепак би можеле да се сретнат во вториот круг. ссм/

фото: Фејсбук страна на Драган Приморац

Остани поврзан