• четврток, 26 декември 2024

Хрватска има повеќе од 1,8 милиони автомобили

Хрватска има повеќе од 1,8 милиони автомобили

Загреб, 22 септември 2023 (МИА) - Во Загреб денеска, на Меѓународниот ден без автомобили, ќе се одржи традиционалното возење велосипед низ улиците на главниот град на Хрватска, чијашто цел е да се потикне толеранција и поголема сообраќајна култура кај сите учесници во сообраќајот.

По тој повод, активисти на „Зелена акција“ во Хрватска изведоа перформанс со којшто, меѓу другото, покажаа колку простор зафаќа автомобил во споредба со пешак. Нивниот натпис со содржина „Толку простор за толку многу загадување“ послужи како порака за свесност.

- Бројот на автомобили и во Загреб и низ Хрватска секојдневно расте и тие зафаќаат сѐ повеќе јавни простори. Во цела Хрватска има над 1,8 милиони автомобили и тие зафаќаат вкупно 27 квадратни километри само за паркирање... Во Загреб има над 350.000 регистрирани автомобили, што ја прави ситуацијата неодржлива и повикуваме на поинаква сообраќајната политика, изјави Бернард Ивчиќ од „Зелена акција“.

Пешачењето, возењето велосипед и јавниот превоз треба да станат прифатливи и подостапни во градовите со цел да се намали загаденоста на воздухот, да се подобри општото здравје на населението и да се избегнат сообраќајни метежи и застои, истакнаа активистите во настапот на Централната станица во Загреб.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан