• четврток, 26 декември 2024

Храм со можна поврзаност со Александар Македонски откриен во Ирак

Храм со можна поврзаност со Александар Македонски откриен во Ирак

Тело, 11 декември 2023 (МИА) - Археолози од Британскиот музеј во Лондон откриле два храма, едниот изграден врз другиот, во антички град во Ирак. Поновиот храм, се чини, датира од четвртиот век п.н.е. и има можна поврзаност со култот кон древниот бог Херакле и со Александар Македонски, иако неговото име не е спомнато.

Постариот храм е пронајден при ископувања кај древниот сумерски град Гирсу, близу денешната населба Тело во југоисточен Ирак. Ископувањата се дел од тековниот потфат именуван „Проект Гирсу“. Остатоците од постариот сумерски храм биле пронајдени на истото место, под поновата градба којашто била посветена на Херакле и неговиот сумерски еквивалент, богот-херој Нингирсу

- Фактот дека (поновиот, з.п.) храм бил подигнат на истото место каде што 1.500 години претходно се наоѓал другиот храм, не е случајно, а местото морало да има одредено значење за луѓето од Месопотамија. Тоа покажува дека жителите на Вавилонија во (четвртиот, з.п.) век п.н.е. имале огромно познавање за нивната историја. Наследството на Сумерите сè уште било многу живописно, појасни Себастијен Реј, археолог и куратор за Месопотамија во Британскиот музеј кој го предводи ископувањето, во изјава за „Лајв сајенс“ (Live Science).

Кај поновиот храм е пронајдена и плочка од печена глина со зачуван натпис на арамејски и хеленски-коине јазик, што се однесува на „дарителот на двајца браќа“ - можна алузија на македонскиот владетел кој освоил голем дел од тогаш познатиот свет за време на неговото 13-годишно владеење од 336 година до 323 г. п.н.е. 

- Тој натпис е многу занимлив, бидејќи се споменува енигматично вавилонско име напишано на грчки и арамејски јазик. Поимот „Ададнадинаке“, што значи - „Адад, дарителот на браќата“, е јасно избрано како свечена титула поради неговиот архаичен тон и симболичните конотации. Сите докази укажуваат на фактот дека името било извонредно ретко, додава истражувачот.

На наоѓалиштето, археолозите откриле сребрена паричка драхма, закопана под некаков олтар или светилиште, како и плочката со натписот.

- Самиот натпис е поздрав до Зевс, грчкиот врховен бог, кој честопати е прикажан со гром и орел. И двата симболи може да се најдат на монетата, којашто веројатно била искована во Вавилон под власта на Александар Велики. Го прикажува и Херакле во младешка возраст, изјави Реј.

Богот Зевс (инаку еквивалент на древномакедонското божество Дион), бил замислен предок на Александар, слично како и египетскиот бог Амон. Сè ова укажува дека Александар Македонски можеби директно и активно бил вклучен во обновувањето на светилиштето и оти можеби бил предвиден и споменик со ликот на Македонецот за во храмот по неговата смрт, велат археолозите.

- Тој можеби имал можност да оди таму - или за време на неговиот престој во Вавилон, или по патот кон (градот) Суза. Значајно е тоа што тој можел да ги плати своите војници откако го зазел Вавилон, бидејќи градскиот ковчег му бил предаден. Ова значело дека Александар и неговите војсководци имале контрола врз богатството на тоа подрачје и веројатно го користеле вавилонското сребро за изработка на многуте монети што биле ковани во градот. Пронајдените фигурини, што потекнуваат од низа места во хеленистичкиот свет, во многу случаи морало да бидат носени во храмот од посетителите. Меѓу нив се и македонските коњаници кои имале силна приврзаност со Александар Македонски. Така, тие можеле да се поврзат и со култот на воинственото херојство, објасни Реј.

Сепак, научниците сè уште не можат со сигурност да потврдат дали македонскиот владетел навистина го посетил ова место.

Инаку, името на Александар Македонски го има на други пронајдени вавилонски записи од тоа време. На почетокот на овој 21. век се пронајдени и преведени тн. „Астрономски дневници“ од 4. век п.н.е. Во еден напис, како што пренесува и холандскиот професор Јона Лендеринг, се чита: А-лек-са-ан-дар, како што биле испишани слоговите со клинесто писмо. Историчарите ги искористиле астрономските податоци од овие записи за да го одредат времето на смртта на македонскиот освојувач, а тоа бил денот меѓу вечерните часови на 10 јуни и 11 јуни 323 година п.н.е.  си/

Фото: „Проект Гирсу“

Остани поврзан