• среда, 18 декември 2024

Хоџа: Законот за земјоделско земјиште се очекува во септември да се најде на собраниска процедура

Хоџа: Законот за земјоделско земјиште се очекува во септември да се најде на собраниска процедура
Скопје, 2 септември 2021 (МИА) – Подготвена е завршната верзија на Законот за земјоделско земјиште со сите забелешки од страна на засегнатите страни. Законот е доставен до Владата и понатаму треба да се достави во собраниска процедура, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа на денешната прес-конференција одржана по повод една година од неговиот министерски мандат. Хоџа посочи дека на дебатата најмногу се посветиле на забелешките, односно во делот на пренамените или како што вели тој да не се ограничи урбаниот план на општините со земјоделското земјиште. - Беше побарано да се тргне делот на стратешки инвестиции и тој дел целосно го нема во Законот. Мислам дека веќе имаме Закон што самите земјоделци го бараа и е согласно нивните потреби, додава Хоџа. Во однос на големината на парцелите, министерот појасни дека нема да бидат ограничени, односно за тие што поседуваат поголеми парцели, Владата ќе одреди до кој процент можат да се купуваат од самите концесионери. Министерот Хоџа додаде и дека новиот Закон предвидува десет години да не се пренамени земјиштето за цели на општината. Тој истакна дека поради потребите на општините и развојот земјоделското земјиште што ќе се пушти на продажба ќе биде само тоа што не се граничи со границите на генералните урбанистички планови на општините. - Остануваме отворени во однос на дебатата во Собрание, доколку има и други предлози да ги разгледаме. Законот е пуштен во владина постапка и во текот на септември ќе биде во собраниска процедура, вели Хоџа. Тој додаде дека прва постапка за земјиштата според процедурите и согласно Законот ќе биде понудата на тие што веќе имаат договори за закуп, а потоа и за слободните земјоделски земјишта. ки/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан