• четврток, 26 декември 2024

Хоџа: Вчерашното насилство во албанското Собрание ќе биде проследено до СПАК, вандализмот е законски казнив

Хоџа: Вчерашното насилство во албанското Собрание ќе биде проследено до СПАК, вандализмот е законски казнив

Тирана, 1 октомври 2024 (МИА) – Албанскиот министер за внатрешни работи, Ервин Хоџа денеска реагираше во врска со актите на насилство што вчера ги извршија пратениците на Демократската партија на пленарната седница на Собранието.

Хоџа нагласува дека, „попречувањето на вршењето на уставните функции, насилното одземање на правото на говор, напад на службено лице, загрозувањето на животите на пратениците со удирање со предмет, уништувањето на јавен имот, се акти на тешко насилство и вандализам“.

-Пламенот вчера попладне пред вратите на Парламентот на Албанија, кој е највисокиот храм на еден демократски систем, е чин со кој се сквернават чувствата на граѓаните на оваа земја. Собранието останува суштина на изразување на волјата и вербата на гласачите, па секој вандалски чин внатре или пред неговите врати е апсолутно неприфатлив и казнив со закон, оценува Хоџа.

Додава дека во Собранието не се користат боци со бензин, туку слободата на говор се остварува врз основа на мандатот што се добива од гласачите, нагласувајќи дека палењето, како и другите акти на насилство за време на собраниската седница, се настани за органите на прогонот.

-Државната полиција и гардата на Републиката веднаш ги извршија сите процесни дејствија, користејќи снимки и сите други елементи од интерес за истрагата. Настанот по завршувањето на овие дејствија ќе биде упатен до Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, поради посебните овластувања што ги поседуваат пратениците, нагласи Хоџа.

Во меѓувреме владејачката Социјалистичка партија почна да собира потписи на барањето за “исклучување од законодавниот дом на 24 демократски пратеници“.

-Во списокот, меѓу другите, се генералниот секретар на Демократската партија, Фламур Нока, кој стана протагонист на инцидент кој се граничи со физички судир со пратеникот од социјалистите Петро Кочи, кому насилно му го турна микрофонот и се обде да го удри. Се бара казна и за координаторот на пратеничката група на ДП, Газмент Барди, кој фрли ногалка од едно од уништените столчиња кон претседателката на парламентот Елиса Спиропали, објавија медиумите.

Синоќа реагираше  премиерот и лидер на СП, Еди Рама, кој обвини дека се „она што го прави СП опозицијата го уништува“, како и координаторот на пратеничката група на СП, Нико Пелеши, кој  порача дека „Собранието треба да биде храм на етиката и почитувањето на правото, а не сцена каде насилно се крши законот“.

На вчерашната попладневна седница пратениците на ДП предизвикаа хаос во парламентот, а пред објектот ги запалија столчињата на кои седат во собраниската сала, откако ги полија со бензин. Тоа веднаш откако Спиропали констатира отсуство на пратеникот Ервин Салиањи и потребата за негова замена со друг. Тој е на издржување на едногодишна затворска казна за „клевета“, обвинение кое не го признаваат ниту тој, ниту партијата, оценувајќи го „политички прогон на опозицијата“.

Заедно со сопартијци, тој, во мај 2018 година  објави аудиоснимка од разговор кој, според нив, се водел меѓу братот на министерот за внатрешни работи, Фатмир Џафај, и поранешен осуденик во Италија за трговија со дрога.

И пред тоа Демократската партија со денови директно го обвинуваше министерот Џафај, во врска со неговиот брат, уапсен во Италија во 2002 година за учество во криминална организација која се занимавала со трговија со дрога и осуден во 2012 година од италијански суд. На крајот од октомври 2018 година Џафај си поднесе оставка. вт/сд/

Фото: МВР- Албанија ФБ

Остани поврзан