• среда, 27 ноември 2024

Хоџа: Владата не се откажува од итниот хеликоптерски тим за пребарување и спасување

Хоџа: Владата не се откажува од итниот хеликоптерски тим за пребарување и спасување
Скопје, 7 април 2021 (МИА) – По завршување на пандемијата со КОВИД – 19 Владата повторно ќе распише јавен оглас за воспоставување на хеликоптерски итен медицински систем, зашто првичниот договор поради долгото траење на пандемијата не беше возможно да се спроведува и беше раскинат, најави денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа. -Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организациска платформа како ефикасен носител на хеликоптерски итен медицински систем во Република Северна Македонија и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување е раскинат со одлука на 26-та седница  на Владата. Спроведувањето на договорот, којшто налагаше обврски од двете страни - државата и операторот, не беше возможно поради долгото траење на пандемијата и затоа е раскинат, рече Хоџа во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата. Владата, како што рече,  нема да се откаже од проектот и по завршување на кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД -19 ќе биде распишан нов оглас, а јавноста ќе биде информирана штом ќе биде донесена одлука за распишување на повикот. Нагласи дека човечкиот живот нема цена, а кога станува збор за спасување човечки живот секој треба да го даде максимумот, а не да се оградува од одговорност. Во врска со овчарот од кратовско кој пет часа беше носен на носилка поради неможноста да се најде возило за негов транспорт од непристапниот терен, рече дека од Кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски веќе се испратени дописи и се побарани детални извештаи за случајот од градоначалникот на Општина Кратово, од Центарот за управување со кризи и од МВР. -За трагичниот настан од ЦУК и од МВР е побарано да се спроведе внатрешна контрола за проверување на надлежните службеници за случајот. Интенцијата е расчистување на случајот, итно лоцирање на одговорноста и соодветни мерки, рече Хоџа.  вј/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан