• четврток, 05 март 2026

Хоџа - Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја

Хоџа - Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја

Тирана, 18 февруари 2026 (МИА) - Во рамките на министерскиот форум за Коридорот 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Република Албанија, Софјан Јаупај.

Министерот Хоџа, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.

Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.

На средбата се разговарало за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамките на европската зелена агенда.

Министерот Јаупај изразил подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји.

Двајцата министри, како што се наведува во соопштението, се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот. дма/вј/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан