• петок, 13 февруари 2026

Хоџа-Риголер: Франција важен партнер во еколошките реформи и ЕУ-интеграцијата

Хоџа-Риголер: Франција важен партнер во еколошките реформи и ЕУ-интеграцијата

Скопје, 23 јануари 2026 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа денеска оствари средба со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на која, како што информираат од Министерството, беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за процесот на европска интеграција.

-На средбата, министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Франција ѝ ја дава на државата, особено во спроведувањето на реформите и користењето на ИПА средствата. Тој истакна дека приоритет на Министерството е воспоставување одржлив систем за управување со цврст отпад и значајно унапредување на инфраструктурата за третман на отпадни води, во рамки на имплементацијата на Секторските оперативни програми за животна средина и климатска акција преку ИПА II и ИПА III, соопшти МЖСПП.

Посебен акцент беше ставен на улогата на Француската агенција за развој и на регионалниот проект за еколошка правда, кои придонесуваат кон зајакнување на институционалните капацитети, меѓуинституционалната соработка и владеењето на правото во областа на животната средина.

Двете страни, се наведува во соопштението, ја потврдија заложбата за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Франција, во духот на европските вредности, одржливиот развој и заштитата на животната средина. вј/дма/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан