• сабота, 16 ноември 2024

Хојер: Иницијативата за заеднички пазар добар пример како регионот може да ја забрза реформската агенда

Хојер: Иницијативата за заеднички пазар добар пример како регионот може да ја забрза реформската агенда
Скопје, 11 ноември 2020 (МИА) - Претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Вернер Хојер ги поздравува заложбите на Западен Балкан за Зелената агенда на Самитот на Берлинскиот процес и изразува поддршка за Економскиот и инвестицискиот план најавен од страна на Европската комисија. -Олеснувањето на поголемите инвестиции во регионот е клучна цел на Берлинскиот процес и ние срдечно го поздравуваме Економскиот и инвестицискиот план наведен од комесарот Вархеји. ЕИБ со нетрпение очекува да ја интензивира нашата долгогодишна соработка со Комисијата, земјите-членки на ЕУ, блиските МФИ и партнерите од Западен Балкан за нејзино спроведување. Како климатска банка на ЕУ со амбициозни цели за унапредување на климатските активности, ние сме воодушевени што денес ја гледаме силната политичка определба од сите лидери на Западен Балкан за имплементација на Зелената агенда. ЕИБ е подготвена да ве поддржи технички и финансиски во оваа предизвикувачка, но витална задача, порача Хојер. Според него, иницијативата за Регионален заеднички пазар е добар пример за тоа како регионот може да ја забрза својата реформска агенда за подобрување на економското опкружување. -Таа иницијатива е создадена во вистинско време додека се движиме кон периодот на обновување по КОВИД. Овозможувањето поголем проток на добра, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила ќе го направи регионот попривлечен за инвестиции и трговија, а исто така ќе ја забрза конвергенцијата со ЕУ, што за возврат дополнително ќе ја зголеми довербата на инвеститорите, смета Хојер. Еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеј, пак, порача дека Европската комисија тесно ќе соработува со меѓународните финансиски институции како ЕИБ на претворање на Економскиот и инвестицискиот план во конкретни проекти, почнувајќи од водечките приоритети. -Планот е солидна основа врз која можеме да ја изградиме нашата заедничка цел да го направиме регионот на Западен Балкан постабилен, попросперитетен и да го забрзаме неговиот европски пат. Тој може да го смени економскиот пејзаж на регионот за четири до пет години, нагласува Вархеј. Економскиот и инвестицискиот план на Европската комисија им дава приоритет на инвестициите во областите на поврзувањето и зелената и дигитално ориентираната транзиција на регионот кон инклузивните и одржливите економии и економиите што се базираат на знаење, а Хојер вети активна поддршка од ЕИБ за таквите инвестиции. Во согласност со акцентот на Планот за потребата од зајакнување на приватните инвестиции, ЕИБ и Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) ќе распоредат нови финансиски инструменти за поддршка на развојот на приватниот сектор во рамките на новиот Гарантен фонд за Западен Балкан. Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ ќе обезбеди финансиска и техничка поддршка за инвестиции, коишто ќе овозможат зелена транзиција во регионот. Ова вклучува поддршка за постепено воведување на обновливо, разновидно и одржливо снабдување со енергија за Западен Балкан, со цел долгорочно да се создаде јаглеродно-неутрален регион. Овие иницијативи, исто така, ќе ги поддржат Зелениот договор на Европската комисија и активностите, Европа да стане прв климатски-неутрален континент до 2050 година. Банката на ЕУ, исто така, ќе даде приоритет на инвестициите во дигиталната трансформација на Западен Балкан. Воведувањето паметни, дигитално-засновани технологии, ќе поттикне одржлив и инклузивен раст на економските и човечките ресурси во регионот. Се очекува инвестициите во дигитализацијата да овозможат побрзо закрепнување, да го подобрат растот на приватниот сектор и да ја подобрат ефикасноста на јавната администрација и нејзината способност да работи дури и при предизвиците каков што е КОВИД-19. Градењето подобри енергетски, дигитални и транспортни мрежи ќе го поддржи развојот на интегриран регионален заеднички пазар со поголеми трговски текови, зголемена конкурентност и нови можности за работа. Како дел од финансискиот пакет од 1,7 милијарди евра за регионот, усвоен во мај како одговор на пандемијата, ЕИБ веќе мобилизира над 1 милијарда евра за помош во справувањето со негативните последици од кризата со КОВИД-19. об/мч/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан