• сабота, 23 ноември 2024

Хоти: Изјавите на српските челници се доказ дека Белград свесно ги крие доказите за воени злосторства

Хоти: Изјавите на српските челници се доказ дека Белград свесно ги крие доказите за воени злосторства

Приштина, 5 октомври 2020 (МИА) – Косовскиот премиер Авдулах Хоти ги осуди денеска последните изјави на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, и оној за одбрана Александар Вулин во однос на Косово и Албанците и побара реакција и осуда од меѓународната заедница, јави дописникот на МИА од Приштина.

Шефот на српската дипломатија во петокот во интервју за белградската телевизија „Хепи“ ги обвини Србите кои, како што рече, „им поткажуваат на Албанците и Хрватите“ и „им кажуваат каде се погребани Албанците ширум Србија“, додека

- Што правиме ние со Србите? Со оние кои им поткажуваат на Албанците и Хрватите..., кои говорат разни глупости? Им кажуваат каде се погребани Албанците ширум Србија, изјави Дачиќ.

Министерот за одбрана Вулин, пак, во официјално соопштение, како и во повеќе наврати порано, го употреби терминот „Шиптари“, што за Албанците претставува јасна намера тие да се потценат и навредат.

Хоти ги оцени овие изјави на српките челници како скандалозни и како „потврда дека Белград со години намерно и свесно ги сокрива трагите на злосторствата, држејќи ги во тајност локациите на масовните гробници во кои завршија илјадници невини цивили“ во војната од 1998-99 година во Косово.

- Владата на Република Косово изразува големо разочарување од одредени изјави на високи српски државници, кои отворено продолжуваат да изразуваат недостиг на почит за жртвите на последната војна, како и за нивните семејства, кои повеќе од две децении очајно ги бараат своите блиски кои беа грабнати од српските сили, напиша Хоти на својот Фејсбук.

Косовската Влада, порача тој, „го осудува таквиот политички менталитет“ и очекува „истото да го стори и меѓународната заедница, посебно Европската унија и САД, како незаменливи фактори во градењето на мирот и на евроатлантската перспектива на Балканот“.

- Владата на Република Косово е решена да работи посветено на обезбедувањето иднина во мир за регионот и ќе продолжи да соработува тесно со западните сојузници за што поскоро интегрирање во големото семејство на цивилизиранни и демократски евроатлантско земји, во кое нема место за омраза кон другите етнитети, порача Хоти.

Пренесувајќи ги изјавите на Дачиќ и Вулин, косовските медиуми наведуваат дека тие, како и српскиот претседател Алексндар Вучиќ и други српски челници, биле биски соработници на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ, кој 2006 година почина во притворното одделение на Меѓународниот суд  во Хаг, додека му се судеше за воени злосторства и геноцид на просторите на поранешна Југославија. иа/сд/

Остани поврзан