• сабота, 23 ноември 2024

Хоти: Извештајот на Курти за средбата во Брисел беше тажачка и доказ за неговата неспособност

Хоти: Извештајот на Курти за средбата во Брисел беше тажачка и доказ за неговата неспособност

Приштина, 18 септември 2023 (МИА) – Пратеникот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), поранешниот премиер, Авдулах Хоти рече дека денешниот извештај на премиерот Албин Курти пред медиумите во врска со дијалогот со Србија беше „тажачка и доказ за неговата неспособност да го води овој процес“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на својата страница на Фејсбук, Хоти наведува дека Курти и овој пат ја прекршил својата обврска за да известува во Собранието за текот на дијалогот.

„Денешното известување пред медиумите за дијалогот на премиерот беше тажачка и доказ за неговата неспособност да го води овој процес. Известувањето во однос на дијалогот мора да се врши во Собранието на Косово, како што се бара со Резолуцијата на Собранието, во која се вели „Премиерот поднесува извештај до Собранието пред и по секоја средба во рамките на дијалогот Косово-Србија“. Потсетуваме дека за две години дијалог, само една информација му даде на Собранието премиерот на седница што ја побара опозицијата“, напиша Хоти.

Според него, Курти го деградирал дијалогот и ѝ нанел голема штета на земјата.

- Од „Дијалог за конечен, правно обврзувачки договор, за меѓусебно признавање и нормализација на односите“ до „Дијалог за управување со кризи“. Мора да се каже дека кризите беа испровоцирани од Србија, но беа менаџирани лошо и без координација со сојузниците од страна на Владата на Косово. За прв пат Косово е осамено во дијалогот наспроти Србија. За жал, се чини дека Владата на Косово денес нема близок сојузник за прелиминарни консултации, како што секогаш се случувало во преговарачките процеси на Косово со Србија, напиша Хоти.

Курти на денешната прес-конференција изјави дека шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел и посредникот во дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак биле синхронизирани и во координација со српскиот претседател, Александар Вучиќ на средбата во Брисел на 14 септември. иа/сд/

Остани поврзан