• вторник, 24 декември 2024

Хоти: Двоецот Курти–Османи стана проблем за европската безбедност

Хоти: Двоецот Курти–Османи стана проблем за европската безбедност

Приштина, 2 јули 2023 (МИА) – Поранешниот косовски премиер, сега пратеник на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Авдулах Хоти вели дека двоецот кој го сочинуваат актуелниот премиер, Албин Курти и претседателката на државата, Вјоса Османи се претвори во проблем за европската и западната безбедност, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, Хоти вели дека изолацијата и санкциите кои ги воведоа меѓународниците кон Косово поради недејствувањето на властите за смирување на состојобите на северот од земјата, населен со мнозинско српско население, се разорни за државата и дека без поддршката од САД и Европската унија е невозможен било каков прогрес.

- Дури и со целосна поддршка од САД и главните земји на ЕУ, Косово има потешкотии во евроатлантските интеграции поради противењето од одредени земји. Без таа поддршка невозможен е било каков прогрес. Додека, пак, со санкциите и изолацијата кои ќе настапат, ниту статус кво-то не ќе може да се задржи, напиша Хоти.

Според него, од 2008 година, кога беше прогласена независноста на државата, Косово промовира нормалност и мир, додека под сегашното водство на, како што го нарекува, „несреќниот двоец Курти-Османи“, се претвора во проблем по европската безбедност.

- Со сите предизвици кои ги имаше, Косово од 2008 година беше земја која промовира нормалност и мир, демократска земја која бараше поддршка од партнерите за евроатлантските интеграции. Сега им е јасно на сите дека со незападната надворешна политика на несреќниот двоец Курти-Османи, Косово се претвора во проблем за европската и западната безбедност. Треба да ни биде јасно: Косово не може да се води од еден премиер и една претседателка кои ѝ носат на државата санкции од сојузниците наместо евроатлантска интеграција, напиша Хоти.иа/

Фото:ФБ

Остани поврзан