• вторник, 24 декември 2024

Хотелот „Битола“ од објект за згрижување до објект за загриженост

Хотелот „Битола“ од објект за згрижување до објект за загриженост

Скопје, 20 октомври 2024 (МИА) - Првите хотели во Битола датираат од 1843 година за кои информации има во пишуваните документи оставени од патеписци кои престојувале во градот. Низ историјата хотелите исчезнувале поради предизвикан пожар, најголем дел настрадале со бомбардирањето на градот во Првата и Втората светска војна, а дел се срушени заради изградба на нови. Во овој век повеќе од нејасно е зошто пред очите на јавноста се распаѓа хотелот „Битола“ во овој град, и наместо објект за згрижување, стана објект за загриженост.

Хотелот е изграден во осумдесетите години на минатиот век со средства од издвојувања на пензионерите за станбена изградба. Станува збор за архитектонски решение со четири посебни влезови, летна сцена (денеска обрасната во трева) и паркинг. Во катастарската евиденција се води како сопственост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, додека земјиштето на кое е изграден со вкупна површина од 5.500 квадратни метри, исто така е во државна сопственост. Државата е сопственик и на дворното место со површина од 3.594 квадратни метри.

Изграден на одлична локација, во Нова Битола, окружен со дрворед и мал парк, хотелот гледан оддалеку привлекува внимание и се уште успева да ја скрие својата грда слика која од ден на ден оваа цврста градба ја прави опасна за секого што е во негова непосредна близина, посебно за децата кои често љубопитно ѕиркаат во скршениот дворец. Повозрасните битолчани знаат дека објектот имал повеќе намени, најмногу го користеле пензионерите како пензионерски дом, но и како сместувачки објект за гости, туристи и спортисти кои спортските клубови од Битола ги сместувале додека ги бранеле боите на „Пелистер“. Во ресторанот и банкет салата се одржани неброени свадби, крштевки, слави и прослави, новогодишни вечери, осмомартовски забави...а сега, како што велат битолчани, хотелот повеќе не ниту хотел, ниту дом, распаднат е и тажен за гледање.

Од Здружението на пензионери од Битола сметаат дека овој објект не треба да се дораспадне, туку повторно да заживее.

- Хотелот-пензионерски дом е граден со средства од пензиите на пензионерите кои ги издвојувале за станбена изградба и затоа ние во повеќе наврати баравме од Владата и Фондот за ПИО, нашето Здруежение да го рестартира овој сместувачки капацитет. Здружението на пензионери од Битола е најголемо здружение во Македонија со повеќе од 19.000 членови-пензионери и има интерес да ја преземе сопственоста врз пензионерскиот дом хотел „Битола“ со што ќе ја ублажи големата побарувачка од сместувачки капацитети за пензионери. На досегашните барања да го преземеме објектот добивавме одговори дека Фондот за ПИО одлучил хотелот да го продаде. Првиот пат беше огласен за 700.000 евра, вториот пат за 800.000 евра, а на третиот оглас неговата вредност беше проценета на 2,7 милиони евра. Ако низ сите огласи немало интерес за откуп, тогаш логично е нам да ни се дозволи да им помогнеме на пензионерите. Овој објект единствено може да биде класичен пензионерски дом и затоа ќе бараме и од новиот менаџмент на Фондот за ПИО, хотелот „Битола“ да ни се отстапи во сопственост, вели Даница Петличкова, претседателка на Здружение на пензионери.

Хотел „Битола“ има(ше) 93 соби со 250 легла, од нив 34 еднокреветни, 42 двокреветни, 8 трикреветни, 4 четирикреветни соби, но и 6 апартмани, ресторан со кујна, бизнис ресторан, магацин, фоаје... Најголем дел од прозорците се искршени, вратите и паркетот откорнати, мебелот и опремата ги снема, а опасноста демне.

Новиот менаџмент на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување предводен од директорот Никола Мемов во првиот месец од мандатот изврши увид на хотелот во Битола и ја потврди желбата за зачувување на објектот, негова обнова и функционалност.

- Запознат сум со состојбите и иницијативите поврзани со хотелот и затоа одлучив лично да го видам објектот. Овластени проценители правеле проценки на вредноста на хотелот, но најверојатно е преценет и затоа немало кандидати за купување, истакна Мемов за време на посетата во Битола, уверен дека во наредниот период од три месеци Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе најде начин и средства за реконструкција на објектот се со цел да биде од полза на сите.

Во меѓувреме, интересот во Битола за сместување на пензионери во пензионерски дом не стивнува, а понудата е мала затоа што во јавната општинска установа Дом за стари лица „Сју Рајдер“ капацитетот е целосно исполнет, а листата на чекање долга. Во градот има неколку приватни пензионерски домови, што е добро, велат од Здружението на пензионери-Битола, но со реновирањето и рестартирањето на хотелот „Битола“ на долг рок ќе се реши овој проблем на градот и регионот.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан