• сабота, 23 ноември 2024

Хотелиерите очекуваат одлична туристичка сезона, исполнетоста за празниците повеќе од половина

Хотелиерите очекуваат одлична туристичка сезона, исполнетоста за празниците повеќе од половина

Струга, 1 мај 2024 (МИА) - Сместувачките капацитети на охридско-струшката ривиера за 1 Мај и Велигден се исполнети повеќе од половина, што не ги исполни очекувањата на хотелиерите, но тие очекуваат подобра туристичка сезона во однос на претходните години.

Првиот човек на Асоцијацијата на хотелиери - ХОТАМ, Крсте Блажески забележа дека најголем дел од домашните гости, празниците ќе ги поминат надвор од државата, а гостите од соседството и пошироко ги исполниле хотелските легла за околу 60 отсто.

- Немаме голема исполнетост од домашни гости. Тие отидоа надвор од државата, но тука се странските туристи иако не на очекуваното ниво. Не можеме да се пофалиме со исполнетост од 80 - 90 проценти. Бројката е значително помала од очекуваното, хотелите се исполнети околу 60 отсто, вели Блажески за МИА.

Зголемување на бројот на туристи очекува во текот на мај, што според него, навестува богата туристичка сезона.

- Бројките на сместување се зголемуваат после Велигден и очекуваме побогата туристичка сезона од лани. Од почетокот на годината до сега имаме многу повеќе ноќевања од минатата година. Очекуваме мај да биде еден од подобрите месеци, може да го споредиме со летите месеци во исполнетост, посочи Блажески.

Само четири плажи во Струга и струшко имаат ангажирано спасители на вода, за поголема безбедност на капачите во водите на Охридското Езеро.

За летните месеци, нагласи, дека веќе работат на исполнетост од 90 отсто со организирани тури, а останатите легла очекува дека ќе ги исполнат индивидуалните гости.

- Знаеме дека околу 2 август, една недела пред и една недела потоа, тешко е да се најде место. Ако некој планира во тој период да доаѓа во Охрид или Струга уште од сега треба да си резервира, напомена Блажески.

Заклучи дека туристичкиот секотр, пред се хотелиерството заздраве од корона кризата, кога беше драстично погоден.

- Го надминавме сето тоа и сме во една фаза во која треба да се работи на поголема стратегија и се враќаме на старите барања од 2017, 2018 и 2019 година, за зголемување на број на ноќевања, олеснувања на даночни обврски, намалување на ддв-то во однос на растот на секторот туризам кој носи полесни пари во државниот буџет, рече Блажески.

И годинава на охридско-струшкото карајбрежје најбројни се очекува да бидат холандските туристи, а нема да изостанат ниту гостите од Полска, Турција, како и од соседството. Но, сепак најголем како најголем проблем го хотелиерите го посочуваат патот од Скопје до Охрид, што е и причина српските туристи да го избегнуваат брегот на Охридското Езеро и годишните одмори ги поминуваат во соседна Грција. сс/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан