• среда, 27 ноември 2024

Хотелиерите и угостителите ги очекуваат новите протоколи за работата

Хотелиерите и угостителите ги очекуваат новите протоколи за работата
Скопје, 11 јуни 2020 (МИА) – Комисијата за заразни болести денеска се очекува да предложи нови протоколи за работата на хотелиерите и угостителите. Рестораните, не до крајот на годинава, туку многу порано ќе може да организираат свадби, но Комисијата и за ова ќе го има крајниот збор. Хотелиерите, според министерот за економија, Крешник Бектеши и покрај тоа што не се затворени со одлука на Владата, важно е и за гостите и за странските туристи да работат согласно протоколите од Комисијата за заразни болести. Бектеши вчера појасни дека на владина седница го задолжиле министерот за здравство да и предложи на Комисијата нови протоколи, кои истите потоа би ги усвоиле. – Оваа тема вчера беше дискутирана на владина седница. Го задолживме министерот за здравство да и предложи на Комисијата нови протоколи. Очекуваме денеска или најдоцна утре да имаме такви предлози кои секако би ги усвоиле, имајќи предвид дека хотелите не се затворени со владина одлука. За угостителските објекти кои организираат свадби ќе ја чекаме сугестијата од Комисијата. Убеден сум дека не до крајот на оваа година, туку многу порано би можеле и тие да работат, рече Бектеши. Министерството за економија во соработка со хотелиерите и нивната Комора доставило предлог-протоколи до Комисијата за заразни болести, и се очекува да бидат разгледани од Комисијата, а потоа предложени до Кризниот штаб и Владата за да бидат усвоени. Како што посочи министерот за економија, се работи за речиси истите протоколи според кои тој верува дека можат да работат и нашите хотелиери. Согласно препорките на СЗО, појаснува, тоа се главните мерки кои треба да се почитуваат вклучувајќи ги угостителските и хотелски објекти: држење дистанца, дезинфекција… Во однос на економската поддршка на рестораните, Владата вчера донесе Уредбата за примена на Законот за комунални такси за време на вонредната состојба, со што овозможува економска подршка на угостителските објекти кои претрпиле штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на ширење на коронавирусот. Според Уредбата, се изменува пресметувањето и наплатувањето на комуналната такса за користење на просторот пред деловни простории, и наместо истата да се плаќа од 5 до 15 денари за м2 дневно, се предлага да се плаќа од 1 до 15 денари за м2 дневно за периодот на времетрање на вонредната состојба. Исто така, со усвоените измени и дополнувања на програмата за развој на туризмот за 2020 година со програма за субвенции за кофинансирање на настани, обуки, семинари и конференции Владата ќе кофинансира трошоци за организирање на настани, обуки, семинари и конференции до 50 отсто од трошоците, но не повеќе од 30.000,00 денари. Целта е поддршка на домашните хотели и надминување на ефектите од корона кризата, како и опоравување на економијата во земјата. В петок, како што најави министерот за економија, граѓаните со низок доход ќе бидат информирани дека ќе се стави во функција платформата на која хотелиерите ќе ги понудат своите услуги за користењето на ваучерите вредни 6.000 денари. – И граѓаните што ќе добијат платежни картички од 9.000 денари, неврабоени и граѓани кои добиваат социјална помош, ќе може да ги користат во туристичките агенции и хотелите, најави Бектеши.бт/са/

Остани поврзан