• среда, 27 ноември 2024

Хоспитализирани уште четири лица со голема кашлица, вкупно 1001 случај во државава

Хоспитализирани уште четири лица со голема кашлица, вкупно 1001 случај во државава

Скопје, 9 август 2024 (МИА) - Во периодот од 2 до 8 август, пријавени се 20 нови случаи на пертусис, народски кажано голема кашлица. Од нив, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

- Заклучно со 8 август, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 1001 случај на голема кашлица, со инциденца од 54,5/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи, пишува во извештајот.

Од вкупниот број на заболени лица - 1001, кај 994 биле регистрирани симптоми, додека болеста кај седуммина била во асимптоматска форма.

- Од вкупниот број на регистрирани случаи, 627 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани - 278, просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 13 години, се додава во извештајот.

Од 18 јануари до 8 август, дадени се вкупно 63.133 дози вакцина со компонента против голема кашлица.

Во тек се три епидемии пријавени во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово. бд/аа/

Фото: МИА архива, ИЈЗ

Остани поврзан