• сабота, 23 ноември 2024

Хортикултурни бибилиотеки, нов библиотечен тренд

Хортикултурни бибилиотеки, нов библиотечен тренд
Битола, 28 март 2021 (МИА) - Хортикултурните библиотеки се нов тренд во библиотечното работење, нов концепт поддржан од интернационалната федерација на библиотеки IFLA/ИФЛА (International Federation of Library Association) и составен дел на Агенда 2030 на Обединетите Нации која промовира програми за развој на т.н. „паметни градови“ посветени на еколошки содржини. Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“ во Битола располага со книжен фонд од областа на хортикултура, градинарство, ботаника и други сродни теми и тој фонд постојано се збогатува со нови наслови кои ги зголемуваат компетенции на ова стручно поле, и тоа овозможи оваа национална установа да биде дел на меѓународна регионална мрежа Хортикултурни библиотеки. -Хортикултурата има долга историја која датира од периодот на Кир Велики во античка Персија. Низ историјата хортикултурните библиотеки се идентификуваат со библиотеки кои се специјализирани за зачувување и собирање литература и материјали за растенијата. Мисијата на многу ботанички и хортикултурни библиотеки е книгите да ги направат достапни за оние што ги користат сознанијата и истражувања на оваа тема, за научници но и обични граѓани кои сакаат да читаат и да користат стручни совети за одгледување растенија, особено цвеќиња. Бројни се библиотеките во светот со богати збирки од областа на литературата, цртежи, хербариуми, но и библиотеки со семиња. Националните библиотеки во одделни држави поседуваат вредни збирки, а посебно значење имаат локалните библиотеки кои се свртени кон заедницата и кои во последниов период, освен литература од областа на ботаниката нудат нови содржини преку активности кои промовираат живеење со хортикултурна нота. Со еден збор, се работи за програми кои вклучуваат еколошки принципи, разубaвување на просторот, квалитетно минување на слободното време и живеење во хармонија со природата, вели м-р Јелена Петровска, библиотекар советник и програмски раководител, во НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола. Хортикултурните библиотеки во Регионов се дело на тим основачи од соседна Србија кои во 2018 година го реализираат истоимениот проект „Хортикултурни библиотеки“, а во кои директно се вклучува и битолчанката Петровска. -Проектот го изработија Мирко С. Марковиќ, независен библиотекарен советник и Драган Р. Саиќ, инженер, и двајцата од Србија кои во рамки на програмата „Хортикултурни библиотеки“ приредија обуки и тренинзи за библиотекари за примена на овие програми, кои ги акредитираа во рангот на Green 4.0 (Greenlibraries.org). Ние се вклучивме во тој проект и учествувавме или следевме национални фестивали на хортикултурни библиотеки со учество на претставници од Хрватска, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Библиотекарите беа запознати со начинот на користење на специјализирани библиотечни фондови на тема хортикултура. Тие се достапни во традиционална и електронска форма, со отворени бази на податоци и хортикултурни содржини за различни категории  учесници. Програмата беше, и е исклучително добра затоа што им овозможи на библиотекарите од високошколските, јавните и други библиотеки да ја стават во функција својата иновативност и имагинација, и знаењето да го искористат за унапредување на работењето на своите библиотеки, активно придонесувајќи за квалитетот на услугите. Во рамки на хортикултурна библиотека се организираа работилници поврзани со препознавање полско цвеќе, улога на екосистемите, лековити билки, растенија за оплеменување на просторот и други можности, појаснува Петровска. Хортикултурните библиотеки се проактивни библиотеки кои мобилизираат ученици и наставници за изработка на „дигитални хербариуми“ кои придонесуваат во наставниот процес збогатувајќи го со еколошки содржини. -Еколошките програми се дел од образовниот и културниот процес на развојно ориентирано општество. Актуелната пандемија покажа потреба за поголема приврзаност кон природата и почитување на природата како природно окружување на човекот. Квалитетно користење на слободното време е дел од програмите на библиотеките кои се свртуваат кон потребите на заедницата, вели Петровска и нагласува дека хортикултурните програми веќе се дел од иновативните програми на библиотеките. Примерите од соседна Србија кај нас се применливи, и во таа смисла ако се знае дека Битола е специфична по загадувањето на воздухот и ископ на јаглен во непосредна близина кој за градот претставува многу голем проблем, тогаш токму примерот со хортикултура и рекултивизација на земјиштето на најголемиот рудник во регионот Колубара од Србија може да користи како придонес за еколошки почиста средина. Имено, програмите на библиотеката од Лазаревац ги поттикнаа граѓаните да бидат дел од еколошките мерки во тој крај, а сличноста со РЕК Битола може да биде солидна основа за новите програми на Библиотеката и вклученост на сите општествени категории рекултивација и подигање на еколошката свест во нашата општина. Во функција на целите, најави Петровска, Библиотеката од Битола ќе биде домаќин на смотра на хортикултурни библиотеки од регионот. Конкретните и успешни примери од странство може да се ползуваат во нашата средина затоа што се уште недоволно е промовиран концептот за хортикултурни библиотеки, делумно поради тоа што тоа е нов концепт, но и заради недоволна соработка во окружувањето. Публиката е принудена со концептот на хортикултурна библиотека да се запознава преку веб страна на библиотеката и социјалните мрежи. -Најновите истражувања во светот посочуваат на се поголема улога на библиотеките во своето окружување. Тие се места и т.н. точки за едукација на населението особено од областа на нови начини на комуницирање и користење на ИТ технологија, пополнување различни обрасци, барање работа, па се до совладување различни вештини од секојдневното живеење. На тој начин најголемата придобивка од овие програми се однесува токму на задоволување на образовни, културни и информациски потреби на населението. Ние се трудиме да го збогатиме тој концепт со пригодни изложби со теми посветени на хортикултура каква што неодамна имаше во Битола, односно ликовна изложба „Од градината на баба ми“ на авторот Слободан Рајчевски, со слики со тема цвеќе. Исто така, извршивме уредување на библиотеката со растенија, а подготвуваме и тематски изложби со стручна литература од областа на хортикултурата и градинарството, посочи Петровска. Во НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола има просторни можности и човечки ресурси за реализација на проектот Хортикултурни библиотеки, се подготвува набавка на изложбени витрини, паноа и други материјали потребни за реализација на хортикултурни содржини, а првата наредна акција ќе биде на Светскиот ден на книгата кога во чест на Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир на секој нов член на Библиотеката, домаќините ќе подарат книга и цвет. Марјан Танушевски

Остани поврзан