• среда, 18 декември 2024

Хонг Конг донесе нов закон за филмска цензура

Хонг Конг донесе нов закон за филмска цензура
Хонг Конг, 27 октомври 2021 (МИА) - Хонг Конг денеска усвои построг закон за цензура на филмови, со кој се овластуваат властите да забранат филмови од минатото поради закани по „националната безбедност“ и да наметнат построги казни за какви било прекршувања во најновата акција за спречување на уметничките слободи во оваа кинеска специјална административна област. Властите презедоа опсежни активности за искоренување на критичарите на Пекинг по масовните и често насилни протести што го потресоа градот пред две години, јавува Радио Слободна Европа. Новиот закон за безбедност, наметнат од Кина и официјалната кампања наречена „Патриотите владеат со Хонг Конг“ дискредитираа многу несогласувања и го задушија демократското движење. Играните и документарните филмови станаа една од многуте културни области кои властите се обидуваат да ги „исчистат“. Во јуни, градот објави дека цензорите ќе ги проверуваат сите нови филмови за содржина што го прекршува законот за безбедност. Но, законот кој денеска беше усвоен од градскиот законодавен совет, тело кое засега  нема никаква опозиција, дозволува испитување на сите наслови за кои претходно беше дадено зелено светло. Со законот се овластува генералниот секретар на Хонг Конг да ја одземе лиценцата за прикажување на претходните и сегашните филмови за кои се смета дека се „спротивни на интересите на националната безбедност“. Максималните казни за прикажување филм без лиценца се зголемени до три години затвор и парична казна од околу 130.000 долари. Инспекторите за филмска цензура ќе можат без налог да влезат и да ги претресат сите простории за кои постои сомневање дека прикажуваат филмови без дозвола, а насловите за кои се смета дека претставуваат безбедносен ризик нема да можат да се жалат на вообичаен начин. Наместо тоа, тие ќе треба да покренат судска ревизија во судовите во Хонг Конг, што е долга и скапа правна процедура, наведува РСЕ. ссм/

Остани поврзан