• среда, 25 декември 2024

Холандската полиција го растури пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам и уапси 125 демонстранти

Холандската полиција го растури пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам и уапси 125 демонстранти

Амстердам, 7 мај 2024 (МИА) - Холандската интервентна полиција рано утринава го растури пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам, при што уапси околу 125 лица во повремено насилните судири, соопштија властите.

Во пораките објавени во текот на ноќта на социјалната мрежа X, полицијата наведе дека мора да дејствува за да го запре овој настан и да ги растури шаторите поставени од демонстрантите кои беа насилни кон полицијата.

„Полициската рација беше неопходна за да се воспостави ред. Ги гледаме снимките на социјалните мрежи. Разбираме дека тие снимки може да изгледаат интензивно“, соопшти полицијата.

Локалните медиуми покажаа како демонстрантите пукаат со пиротехнички средства кон полицајците, но засега нема извештаи за повредени од двете страни.

„Сега сè е тивко... полицијата останува во близина на кампусот во Ротерсајланд“, соопшти полицијата подоцна на X.

Холнадскиот министер за образование во заминување, Роберт Дијкграф, изјави дека универзитетите се место за дијалог и дебата и дека е разочаран што полицијата морала да интервенира.

Студентските протести поради војната и академските врски со Израел почнаа да се шират низ Европа, но останаа многу помали од оние во САД. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан