• четврток, 26 декември 2024

Холандија подготвува објекти за сместување на 1200 мигранти  

Холандија подготвува објекти за сместување на 1200 мигранти  

Хаг, 25 септември 2023 (МИА) – На барање на холандскиот државен секретар за правда и безбедност Ерик Ван дер Бург, општините во Холандија почнаа да обезбедуваат објекти за дополнително сместување на 1200 бегалци. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Ван дер Бург во писмо упатено до локалните власти нагласи дека мора да преземат мерки, бидејќи постојните капацитети за сместување на мигранти се речиси целосно исполнети, откако главниот центар за азил во Холандија во Тер Апел се соочува со постојан прилив на нови бегалци, од кои повеќето се малолетници без придружба. 

- Секоја година, дневниот прилив на баратели на азил е најголем во септември, но оваа година бројот на луѓе што се пријавуваат дневно во Тер Апел е над просекот, наведе Ван дер Бург во писмото. 

Тој ги повика општините да обезбедат сместување за околу 1200 бегалци во најкус можен рок, од кои 550 треба да бидат наменети за малолетници без придружба. 

Холандската агенција за азил (ЦОА) соопшти дека засега за првите денови од оваа недела има доволно места за згрижување на новопристигнатите баратели на азил, но дека „ќе бидат потребни уште многу места во наредниот период“. 

Проблемот со сместувањето на барателите на азил се очекува да биде една од главните теми за предвремените парламентарни избори закажани за ноември. Токму несогласувањата меѓу владините коалициски партнери беа причините за пад на досегашната десноцентристичка Влада на Марк Руте. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан