• четврток, 26 декември 2024

Ховениер: Она што го постигна Косово во овие 25 години е извонредно, се гордееме што сме ваш партнер

Ховениер: Она што го постигна Косово во овие 25 години е извонредно, се гордееме што сме ваш партнер

Приштина, 12 јуни 2024 (МИА) – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џефри Ховениер, го опиша како „исклучително“ она што Косово го постигна 25 години по ослободувањето, воедно изразувајќи гордост за американско-косовското партнерство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во видео пораката по повод 25-годишнината од Денот на ослободувањето на Косово, Ховениер потсети и на наредбата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој по завршувањето на воздушната кампања на НАТО против Србија и влегувањето на трупите на алијансата во Косово во јуни 1999 година, изрази благодарност за „љубезноста на (американскиот) народ и храброста и отпорот на народот на Косово“.

- Пред 25 години силите на НАТО пристигнаа на Косово. Раководството на САД одигра витална улога во овозможувањето на ова, бидејќи ние, заедно со нашите сојузници, еднаш засекогаш ставивме крај на ужасната кампања на етничко чистење што режимот на Милошевиќ ја водеше овде во Косово. Како што рече тогаш претседателот Клинтон, цитирам: „Во текот на изминатите четири месеци, видовме некои од најнехуманите дела во нашиот живот. Но, ја видовме и храброста на нашите војници, решителноста на нашата демократија, љубезноста на нашиот народ и храброста и издржливоста на народот на Косово. Благодарение на сите овие карактеристики, сега имаме момент на надеж и мора да ја завршиме работата и да изградиме мир“, рече Ховениер.

Американскиот дипломат гарантира дека американската поддршка за Косово ќе продолжи и во наредните години.

- Пораката на претседателот Клинтон е исто толку актуелна и денес како и пред 25 години. Сега, 25 години подоцна, ние сме горди на се што сте постигнале. Од темел ја изградивте вашата суверена, демократска и мултиетничка држава. Она што го постигнавте е извонредно. САД се горди што се ваш партнер додека го одбележувате овој значаен историски момент. Би сакал да истакнам дека посветеноста на САД кон народот на Косово е силна и стабилна како и секогаш, порача Ховениер.

Тој нагласи дека САД стојат со народот на Косово „против авторитаризмот, против секој обид за брутално газење и поделба на општеството по етнички или верски линии, против насилното уништување на животите и живеачката на луѓето и против нивната волја“.

- И ние стоиме гордо и целосно покрај народот на Косово. Ние сме со вас од самиот почеток. Сега сме со вас. И ние со нетрпение очекуваме да застанеме покрај вас во годините што доаѓаат. Честитки!, изјави Ховениер во видео пораката по повод Денот на ослободувањето на Косово. иа/мс/

Остани поврзан