• недела, 24 ноември 2024

Ховениер: Одлуката на Приштина за забрана на динарот не е спорна, да се смени начинот на имплементација

Ховениер: Одлуката на Приштина за забрана на динарот не е спорна, да се смени начинот на имплементација

Приштина, 20 март 2024 (МИА) – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, побара да се промени начинот на спроведување на Регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК) со која се забранува употребата на српскиот динар во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната средба со косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими, Ховениер рече дека гледа позитивни знаци од средбата што главните преговарачи на Косово и Србија, Бислими и шефот на канцеларијата за Косово при владата на Србија, Петар Петковиќ ја имаа вчера во Брисел, заедно со посредникот на ЕУ во дијалогот, Мирослав Лајчак.

Американскиот дипломат повтори дека САД ја почитуваат ЦБК како институција одговорна за монетарните политики на целата територија на Косово и не ја оспоруваат одлуката за еврото како единствена валута за готовински плаќања, но рече дека „работата не е до динарот, туку до начинот на имплементација“.

- Загрижени сме дека тоа може да влијае на ранливото население, особено на заедницата на косовските Срби, и мислам дека е важно да се промени начинот на имплементација и нашите разговори за ова прашање продолжуваат, рече Ховениер.

Тој додаде дека Бислими не ги кажал предлозите на Косово, бидејќи рече дека Владата работи на нив, а изрази оптимизам за средбата најавена за следната недела.

Во вторник, 19 март, беше постигнат договор меѓу Косово и Србија за испраќање предлози за излез од динарскиот ќорсокак. Страните имаат рок до петок да ги испратат предлозите, а потоа за нив ќе се разговара во понеделник во Брисел на средбата на главните преговарачи.

Регулативата на ЦБК стапи на сила на 1 февруари и покрај меѓународните приговори. Со неа се забранува употреба на други валути освен еврото. Србите на косовскиот север веќе 20 години примаат од Србија плати, пензии, социјални додатоци и слично во динари. иа/сд/

Остани поврзан