• четврток, 26 декември 2024

Ховениер за денот на жалост во Косово: Да изградиме општество во кое секој ќе живее без страв

Ховениер за денот на жалост во Косово: Да изградиме општество во кое секој ќе живее без страв

Приштина, 17 април 2024 (МИА) – Американскиот амбасадор во Косово, Џеф Ховениер, по повод денешниот ден на жалост во Косово по двете убиства на жени последните неколку дена, изрази почит на жртвите на фемицид и родово насилство во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку неговата официјална страница на платформата „Х“, Ховениер нагласи дека неодамнешните случаи на убиства, како и случаите на семејно насилство, ја нагласуваат итната потреба од повеќе работа за да се спречи насилството врз жените и девојчињата.

„Денеска стоиме со народот на Косово на Националниот ден на жалост, во чест и сеќавање на жртвите на фемицид и на сите Косовки кои се жртви на семејно насилство. Неодамнешните убиства и чиновите на семејно насилство ја нагласуваат итната потреба да се направи повеќе за справување и спречување на сите форми на насилство врз жените и девојчињата. Мора да се стремиме да изградиме општества каде што секој поединец ќе може да живее без страв и без да биде повреден, напиша Ховениер.

И други амбасадори во Косово реагираа по последните убиства на жени во земјата и ги спуштија знамињата на половина копје на денот на жалоста во чест на жртвите.

Една жена е убиена вчера во градот Пеќ, а осомничен за убиството е нејзиниот сопруг, кој, како што е соопштено, ја застрелал со пиштол.

Во петокот (12 април) 21-годишна жена беше убиена во Урошевац во Центарот за социјална работа од страна на поранешниот сопруг. Притоа беше ранет и 15-годишниот брат на жртвата.иа/сд/

Остани поврзан