Хипер: Украина треба самата да одлучи за условите за мировни преговори
- Русија може уште денеска да ја запре војната во Украина, доколку ги повлече своите трупи и воена опрема од украинската територија, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер во одговор на прашање за ставот на ЕУ за изјавата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека како предуслов за преговори околу конфликтот во Украина, Москва бара да нема распоредување на странски војници во земјата и да бидат укинати санкциите воведени кон неа.
Брисел, 6 декември 2024 (МИА) - Русија може уште денеска да ја запре војната во Украина, доколку ги повлече своите трупи и воена опрема од украинската територија, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер во одговор на прашање за ставот на ЕУ за изјавата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека како предуслов за преговори околу конфликтот во Украина, Москва бара да нема распоредување на странски војници во земјата и да бидат укинати санкциите воведени кон неа.
- Останува на Украина самата да одлучи за вистинските услови за преговори и ЕУ ја поддржува иницијативата на (украинскиот) претседател (Володимир) Зеленски за праведен мир заснован на почитување на независноста на Украина и нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, согласно Повелбата на ОН, рече Хипер.
Таа нагласи дека ставот на ЕУ кон Русија и онаа што таа го прави е многу јасен, додавајќи дека Унијата јасно ставила до знаење дека сите изјави што доаѓаат од страна на Москва ги смета за чиста дезинформација и манипулација.
Запрашана за ставот на ЕУ околу „оправданата загриженост“ на Русија од ширењето на НАТО кон исток, Хипер изјави дека Унијата нема да коментира ништо што е поврзано со Алијансата.
- Нашата позиција е јасна - Русија презема неодговорни акции на ескалација и воопшто не е заинтересирана за вистински мир. И натаму останува непроменета целта на (рускиот претседател Владимир) Путин за уништувањето на Украина како независна европска земја, на што ние се спротивставуваме. На сето тоа, новите напади уште еднаш ја покажуваат егзистенцијалната природа на руската закана за европската, но и за глобалната безбедност, додаде Хипер. сп/
Фото: Скриншот