• сабота, 06 декември 2025

Хипер: ЕУ нема да го коментира присуството на кинескиот претседател на парадата во Москва 

Хипер: ЕУ нема да го коментира присуството на кинескиот претседател на парадата во Москва 

Брисел, 5 мај 2025 (МИА) - Не е на Европската комисија да ја коментира посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва за време на одбележувањето на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Европа, изјави портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер. 

- Ние кажавме каков е нашиот став кога станува збор за поддршка на агресорите, истакна Хипер, потенцирајќи дека како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, Кина носи одговорност за почитување на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународниот поредок заснован на правила. 

Хипер додаде дека Кина има своја улога во руската агресија врз Украина, бидејќи без нејзина поддршка, Русија не би била во можност да ја продолжи војна со сегашниот интензитет. 

Минатиот месец Хипер порача дека во сегашниот контекст Русија го користи одбележувањето на крајот на Втората светска војна за да ја оправда својата агресија врз Украина, така што е важно да не се дава легитимитет на тоа со учество на настани како што е воената парада во Москва на 9 мај.  

Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, пак, во петокот порача дека ЕУ била кристално јасна со нејзините партнери, вклучувајќи ги и земјите кандидати за членство, дека односите со Русија не можат да се развиваат како се да е вообичаено, во услови на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија врз Украина. сп/ 

Фото: Скриншот 

 

 

Остани поврзан