• четврток, 26 декември 2024

Хил: Дијалогот меѓу Белград и Приштина значително влијае на американските инвестиции во Србија

Хил: Дијалогот меѓу Белград и Приштина значително влијае на американските инвестиции во Србија
Белград, 2 март 2023 (МИА) - Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина е едно од прашањата што влијае на натамошното инвестирање на американските компании во Србија, бидејќи им се најважни мирот и стабилноста.

„Она за што американските компании се најзаинтересирани кога инвестираат каде било е прашањето на мирот и стабилноста. Затоа мислам дека компаниите ќе ги следат прашањата како дијалогот меѓу Приштина и Белград, бидејќи таквите прашања можат многу да помогнат во привлекувањето повеќе инвестиции“, изјави Хил за агенцијата Бета.

Тој додаде дека „мирот и стабилноста ја прават Србија толку вредна дестинација за инвестиции“.

Хил во интервјуто истакна дека американските компании кои главно работат во Србија во технолошкиот сектор се задоволни од климата, но и од младите кои работат кај нив.

„Американските компании се импресионирани од Србија, од работата на младите луѓе. Пред се затоа што американските компании се во технолошкиот сектор каде што младите луѓе почесто работат“, рече тој, додавајќи дека има многу можности за нови инвестиции.
 
Кристофер Хил истакна дека е во постојан контакт со компании од САД кои работат во Србија и дека не слушнал никакви негативни коментари. паг/
 
 

Остани поврзан