• петок, 27 декември 2024

Хил: Американските компании не уценуваат со политички услови, за ние е важно Србија да биде во ЕУ

Хил: Американските компании не уценуваат со политички услови, за ние е важно Србија да биде во ЕУ

Белград, 6 декември 2023 (МИА) - Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, денеска изјави дека американските компании не поставуваат политички услови и дека за нив најважно е Србија порано или подоцна да биде во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

- Мислам дека позицијата на Србија е многу важна, ако овде изградите фабрика, многу сте блиску до ЕУ, а наскоро и ќе бидете во Европската uнија, рече американскиот амбасадор во интервју за РТС.

Хил изјави дека американскиот ИТ сектор е доста заинтересиран за инвестирање во Србија, „гледаме многу инвестиции во технолошката област, толку многу што Србија сега има најголем обем на размена на услуги со САД, повеќе од којa било другa земја“.

На прашањето дали американските пари имаат политичка цена, американскиот амбасадор рече дека тоа не треба да се сфати како американски компании кои поставуваат политички услови, „туку како желба на американските компании да знаат дека местото ќе биде мирно и дека нема да мораат на нивните акционери и одбори на директори да објаснуваат зошто нивните очекувања не се исполнети. Тоа нема врска со услови, туку со добра деловна практика, додаде тој.

Зборувајќи за иницијативата Отворен Балкан, Хил рече дека концептот на Отворен Балкан и подобри односи во соседството се исклучително важни и дека оваа иницијатива е многу важен концепт бидејќи го зголемува пазарот.

Според него, секој ваков интегративен проект кој ја олеснува и забрзува регионализацијата е добра идеја.

Осврнувајќи се на тоа дали американското присуство во областа на обновливите извори на енергија е некаков одговор на руската доминација во енергетскиот сектор, Хил рече дека „Србија треба да има можност за енергетски избор и енергетска независност. Србија не смее да си дозволи да влезе во ситуација некоја земја да може да ја загрози со прекинување на снабдувањето со енергија“. об/паг/

Остани поврзан