• четврток, 26 декември 2024

Владата ќе одлучува за поевтинување на пијалаците

Владата ќе одлучува за поевтинување на пијалаците

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Владата денеска треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалоците. До крај на неделава се очекува да биде завршена  анализата со владините мерки да бидат опфатени и хигиенските производи. За непочитување на гарантираните цени на прехранбените производи, што е во сила од минатата недела, веќе се затворени маркети. 

Како што најави министерот за економија Крешник Бекшети, денеска ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци.

-За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки, изјави вчера Бектеши кој со премиерот Димитар Ковачевски ја посетија компанијата „Алма-М“ во Визбегово. 

Според Ковачевски, со новата мерка на Владата на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, е намалена цената за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август.

-Кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10 проценти, а кај некои намалувањето е од 30 проценти до 40 проценти. Во маркетите овие производи веќе добија ознака „гарантирана цена“, со оваа мерка придонесуваме и покрај инфлациските притисоци, заеднички и солидарно даваме поддршка на нашите граѓани, изјави Ковачевски.

Поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи, според министерот Бектеши, во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“.

Во над 50 контроли на Државниот пазарен инспекторат во саботата казнети се седум маркети поради непочитување на владината одлука, а затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки. 

Од Стопанската комора, пак, сметаат дека маркетите имале многу малку време да се усогласат во однос на намалувањето на цените бидејќи стануба звор за околу 1200 артилки. 

Според извршниот директор на комората Антони Пешев, мерката со затворањето е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите.

-Затворањето никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените, изјави Пешев, истакнувајќи дека очекува да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа.

Следниот месец, како што најави премиерот, ќе бидат направени и анализите за деветиот пакет антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и кон сите оние што во време на криза не остваруваат дополнителни приходи. лв/вг/

 

Остани поврзан