Хетафе го смени називот на стадионот поради потценување на женскиот фудбал
- Прволигашот од мадридското предградие Хетафе го избриша името на Алфонсо Перез од официјалниот назив на клупскиот стадион поради контроверзните коментари кои поранешниот шпански репрезентативец и играч на Реал и Барселона ги сподели во јавноста во врска со женскиот фудбал
Мадрид, 5 октомври 2023 (МИА) – Прволигашот од мадридското предградие Хетафе го избриша името на Алфонсо Перез од официјалниот назив на клупскиот стадион поради контроверзните коментари кои поранешниот шпански репрезентативец и играч на Реал и Барселона ги сподели во јавноста во врска со женскиот фудбал.
Клубот соопшти дека стадионот „Алфонсо Перез колосеум“ во иднина ќе го носи името „Колосеум“.
Одлуката доаѓа откако Перез, кој во кариерата настапуваше за Реал, Барселона и Бетис а за репрезентацијата одигра над 30 натпревари, во изјава за шпанскиот весник „Ел Мундо“ неодамна рече дека женскиот фудбал секогаш треба да остане во сенка на машкиот дел од играта.
- Женскиот фудбал и машкиот фудбал не можат да се споредат, бидејќи сè се врти околу тоа колку пари акумулирате и какво медиумско влијание имате. Јас би сакал да заработувам колку Кристијано Роналдо, но не сум толку добар. Тоа едноставно е така. Женскиот фудбал еволуираше, но би требало да остане приземјен и жените би требало да знаат дека никогаш не можат да се споредуваат со мажите во која било смисла кога е во прашање фудбалот, рече Перез.
Неговиот коментар предизвика негативни реакции во шпанската јавност во време кога првиот човек на фудбалот во оваа земја Луис Рубиалес поднесе оставка, откако без нејзина согласност ја бакна в уста репрезентативката Џенифер Ермосо.
Реагирајќи на потценувачките коментари на Перез околу женскиот фудбал, градоначалничката на Хетафе, Сара Ернандез Баросо, лично инсистираше Хетафе да го избрише името на поранешниот шпански репрезентативец од називот на стадионот, а клупскиот претседател Анхел Торес и Управниот одбор позитивно одговорија на барањето на градските власти. ег/ми/
фото: Фејсбук