• недела, 24 ноември 2024

Херцог: Случајот против Израел пред Меѓународниот суд е страшен и апсурден

Херцог: Случајот против Израел пред Меѓународниот суд е страшен и апсурден

Ерусалим, 9 јануари 2024 (МИА) - Израелскиот претседател Исак Херцог денеска изјави дека нема „ништо пострашно и апсурдно“ од случајот поднесен од Јужноафриканската Република (ЈАР) до Меѓународниот суд на правдата, во кој се тврди дека Израел врши „геноцид“ во Појасот Газа.

Во разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Херцог ја обвини Преторија за лицемерие во врска со случајот на ЈАР против Израел, чии сослушувања ќе започнат задутре, и му се заблагодари на Вашингтон за поддршката на еврејската држава, која тврди дека прави се што е во нејзина моќ за да се избегнат цивилни жртви во Газа.

Случајот се фокусира на цивилните жртви меѓу повеќе од 23 илјади луѓе кои здравствените власти во Газа велат дека биле убиени во енклавата од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.

-Всушност, нашите непријатели од Хамас, во нивната повелба, повикуваат на уништување на државата Израел - единствената национална држава на еврејскиот народ. Ќе се појавиме пред Меѓународниот суд на правдата и гордо ќе го изнесеме нашиот став дека прибегнуваме кон самоодбрана во согласност со нашето највродено право, според меѓународното хуманитарно право, рече Херцог.

Офанзивата на Израел беше поттикната од нападот на исламистичките милитанти на Хамас на 7 октомври, за кој еврејската држава вели дека убиле 1.200 луѓе, а киднапирале 240. мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан