• петок, 27 декември 2024

Херцог: Израел се подготвува за долга кампања против Хамас

Херцог: Израел се подготвува за долга кампања против Хамас

Ерусалим, 12 октомври 2023 (МИА) - Израелскиот претседател Исак Херцог денеска изјави дека неговата земја се подготвува за обемна воена кампања против Хамас во Појасот Газа.

-Мојата земја е во жалост. Оваа трагедија го погоди речиси секој дом во Израел, рече Херцог на брифинг за странските новинари во Ерусалим и најави долга кампања против Хамас, споредувајќи ја со кампањата против терористичката организација Исламска држава.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на брифинг за 31 негов колега на состанокот на НАТО во Брисел зборуваше за злосторствата извршени од Хамас врз цивилите и им покажа нецензурирана видео снимка.

-Хамас е Исламска држава на Газа, варварска организација финансирана и поддржана од Иран. Хамас е ИД, рече Галант, најавувајќи дека „оваа организација нема да постои на границите на Израел“ и заканувајќи се дека израелската армија ќе го уништи Хамас.

Министерството за здравство во Појасот Газа, управуван од Хамас, денеска објави дека 1.203 Палестинци загинале, а 5.679 се ранети во израелското бомбардирање на Газа, како одмазда за нападите без преседан на Хамас што почнаа во саботата.

Израелската армија објави дека убила околу 1.500 палестински екстремисти на израелска територија.

Бројот на загинати во Израел од почетокот на војната продолжи да расте и достигна 1.300, со околу 3.300 ранети, од кои 28 се во критична состојба и 350 во тешка состојба, објавија медиумите на хебрејски јазик.

Сè уште не е јасна судбината на околу 150 киднапирани и одведени во Газа. сд/

Остани поврзан