• сабота, 23 ноември 2024

ХЕРА со национална кампања „Во ист ритам“ за подигање на јавната свест за родовата еднаквост

ХЕРА со национална кампања „Во ист ритам“ за подигање на јавната свест за родовата еднаквост

Скопје, 24 септември 2024 (МИА) - Важни се вредностите што ги носиме во себе, вештините што ќе ги развиеме, знаењето што ќе го добиеме, свесноста и прифаќањето на различните, а не која е нашата родова припадност. Доколку работиме заеднички, ќе увидиме дека нашите разлики не треба да бидат причина за поделеност. Ова се дел од клучните пораки кои биле упатени денеска на отпочнувањето на кампањата „Во ист ритам“ за подигање на јавната свест за родовата еднаквост, која во следниот период ќе ја спроведе ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација со поддршка на Холандската амбасада во Северна Македонија.

Како што информираат од ХЕРА, амбасадорката на Холандија, Узлем Џанел изјавила дека „Холандија е убедена дека едно општество може да напредува и да се развива само кога вклучува колку што е можно повеќе различни групи“.

Зборувајќи за важноста на подигањето на свеста кај пошироката јавност, Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА истакнала дека родовите нееднаквости имаат големо влијание врз општата благосостојба на децата и младите.

- Затоа е потребно, сите во „ист ритам“ да го слушнеме секој глас и со тоа да се искористи потенцијалот и поттикне секој млад човек да ја живее најдобрата верзија од себе, посочила таа.

Виктор Бучковски од ХЕРА Млади истакнал дека „момчињата и девојките се врзани со стереотипите и се обидуваат да се препознаваат со нив и нив да ги следат, но повеќе од јасно е дека тоа е невозможно во глобално општество и дека не може да се следи трендот на родова доминација, мора да постои тренд на родова инспирациja и следејќи го овoј принцип имаме шанса да постигнеме родова еднаквост.“

Кампањата „Во ист ритам“ има за цел да ги промовира демократските вредности и процеси, да ја информира јавноста за придобивките од родово сензитивно образование кое вклучува и сексуално образование, како и политики за поддршка на родовата еднаквост во земјата. 

Особен фокус на кампањата се младите и младинскиот активизам. Кампањата треба да придонесе кон широка поддршка на јавноста на концептот на човекови права, родовата еднаквост, вклученост на сите категории граѓани, солидарност и поддршка на потенцијалот кој го имаат младите во земјата. Кампањата треба да придонесе и кон информираност на јавноста и широка поддршка на започнатите системски позитивни реформи и иницирање на нови младински политики. ар/бак/


Фото: ХЕРА

Остани поврзан