• среда, 25 декември 2024

„Хера“: Насилството меѓу момчињата сѐ поголемо, младите со сериозни предизвици со менталното здравје

„Хера“: Насилството меѓу момчињата сѐ поголемо, младите со сериозни предизвици со менталното здравје

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Според повеќето истражувања, врсничкото насилство меѓу момчињата е сѐ поголемо, младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје. Податоците што ја опишуваат сликата за менталното здравје на момчињата и мажите кај нас, укажуваат од неопходноста за дебата и акција на оваа тема во општеството, потенцираат од Aсоцијација за здравствена едукација и истражување „Хера“.

Во организација на „Хера“, се одржала панел-дискусија на тема „Грижата за себе и менталното здравје кај момчињата и мажите“, во Студентскиот културен центар - СКЦ.

- Говорниците на дебатата ставија акцент на долгогодишната состојба во која мажите и момчињата потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна. Во нашата култура често се промовира идејата за „силен маж“ - маж кој не зборува за своите емоции, маж кој не плаче и самиот ги решава своите проблеми. Овој стереотип создава огромен притисок и ги спречува мажите да ги споделат своите чувства и да побараат поддршка, нагласуваат од „Хера“.

Според Кирил Тројачанец, психолог и експерт за стрес и анксиозност, мажите често се учат да потиснуваат емоции од рана возраст.

- Ова води до тешкотии во изразување и разбирање на своите чувства, што може да резултира со ментални здравствени проблеми. Потребно е да се промени оваа културна норма преку едукација и поддршка, смета Тројачанец.

Програмската координаторка од „Хера“, Весна Матевска дала осврт на програмата за поддршка на мажи и момчиња, истакнувајќи оти таа е дизајнирана да биде достапна и пријателска, со фокус на доверливост и поддршка.

- Нудиме бесплатни услуги и промовираме отворена комуникација за да ги охрабриме мажите да побараат помош, појаснува Матевска.

Ленче Алексовска-Величковска, спортски психолог, смета оти најчестите заблуди се дека мажите не треба да покажуваат слабост, дека барањето помош е знак на неуспех и дека емоционалното изразување е за жените. Овие стереотипи, како што подвлекува, може да доведат до сериозни ментални здравствени проблеми.

Модераторот на настанот, Виктор Бучковски истакнал дека дебатата не би била целосна ако не се консултира и вештачката интелигенција, па затоа го запрашал „Chat GPT“, што е психолог и  побарал да му објасни како на петгодишно дете, при што одговорот бил: „Психологот е како доктор за умот. Тој помага за луѓето да се чувствуваат подобро кога се тажни, збунети или нервозни. Замисли да имаш една кутија полна со различни чувства и мисли. Психологот ти помага да ги распределиш тие чувства и мисли така што ќе можеш подобро да се справиш со нив, тој те слуша и ти дава совети како да се справуваш со проблемите“.

На панел-дебатата се развила одлична дискусија помеѓу младите, велат од „Хера“, а учесниците покажале голем интерес околу оваа тема, но имале и доста прашања упатени кон гостите психолози.

- Тие се интересираа околу отворањето на новиот ММ-центар за поддршка и советување на момчиња и мажи и какви типови на терапија се применува. Во текот на панелот, „Хера“ го престави ММ - центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи, кој овозможува бесплатни советувања и поддршка со психотерапевти и психолози за момчиња и мажи. Советувањата ќе се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали. Центарот ќе биде отворен за услуги - вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот. Термините треба да се закажат на телефнскиот број 070-299-026, на имејлот - viktor.buchkovski@hera.org.mk, или на „Инстаграм“ - @man.mind.skopje, појаснуваат од „Хера“.

Настанот се одржал со поддршка на Австриското здружение Verein Für Männer - und Geschlechterthemen Steiermark, Austria, и Сојузното министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија.

- Со овој настан и со новоотворениот центар, сакаме да испратиме јасна порака: барањето помош не е знак на слабост, туку на сила и храброст. Молкот не е одговор за сите твои проблеми. Секој маж заслужува да има пристап до поддршка и ресурси кои ќе му помогнат да го живее својот живот на најдобар можен начин, истакнуваат од „Хера“. бд/дма/

Фото: „Хера“

Остани поврзан