• четврток, 26 декември 2024

„Хера“: За Ромките во државава се уште има предрасуди, отколку работните места

„Хера“: За Ромките во државава се уште има предрасуди, отколку работните места
Скопје, 8 април 2021 (МИА) - Педесет години од воспоставувањето на 8 април како Меѓународен ден на Ромите, Ромките во Македонија и натаму мака мачат да влезат на пазарот на трудот поради долгогодишната системска дискриминација, заклучуваат од иницијативата „Хера“. Имено, за ова сведочеле и податоците според кои само четири Ромки се вработени на раководни позиции во јавните институции, а на нераководни позиции тие се застапени со само 0,47 отсто од вкупниот број на вработени. -Ова го илустрираат и податоците според кои Иако Шуто Оризари е најголемата општина со ромско население во државата, од вкупно 18 вработени лица во Општината, само осум се Роми. Фрапантен е и податокот дека ниту една Ромка не е вработена во центрите за вработување во државата. Во 30 центри за вработување низ државата, само двајца Роми се вработени и тоа на нераководни работни места, се наведува во сопштението. Додаваат дека од вкупно 7.647 лица кои ги користеле активните мерки и услуги за вработување во текот на 2019 година на национално ниво, само 169 се Ромки, што е крајно поразително ако се има предвид фактот дека 4 632, односно 4,6 отсто од регистрираните невработени лица се Ромки. Исто така потенцираат дека според Националниот оперативен план, од вкупниот број на регистрирани невработени Ромки на национално ниво, дури 94,88 отсто се без образование или само со основно образование. Ваквите фрапантни наоди недвосмислено укажуваат дека се потребни системски решенија за да се унапреди социо-економската положба на Ромките во нашата држава, се потенцира во соопштението од Хера. Оттука, Групата упати неколку препораки до надлежните институции  и тоа Агенцијата за вработување да започне процес на креирање соодветни мерки за вработување, да се стави фокус на докомплетирање на образованието, потоа да се создадат долгорочни родово-сензитивни пристапи за вработување во секоја институција, да се вработуваат Ромки на клучни раководни позиции заради можноста да креираат и да предлагаат решенија во согласност со спецификите на оваа целна група како и тоа единиците на локалната самоуправа во своите акциски планови да предвидат мерки за вработување на ромките во администрацијата. Како што се наведува во соопштението овие препораки се клучни за намалување на родовиот јаз во земјава. Групата за застапување е составена од Ромки активистки и е формирана во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“ кој го имплементира ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со поддршка од шведската фондација „Квина тил Квина“. свс/ац/

Остани поврзан