• недела, 24 ноември 2024

Хелсиншки комитет: Пенитенцијарниот систем во земјава сè уште се соочува со големи проблеми и предизвици

Хелсиншки комитет: Пенитенцијарниот систем во земјава сè уште се соочува со големи проблеми и предизвици
Скопје, 16 ноември 2021 (МИА) - Пенитенцијарниот систем во земјава сè уште се соочува со големи проблеми и предизвици, иако се забележува подобрување во казнено-поправните установи, најмногу во поглед на унапредување на материјалните услови. Најгорливи проблеми остануваат пристапот до здравствената заштита, образовниот процес и процесот на ресоцијализација на осудените лица, необучените раководни и стручни кадри во казнено-поправните установи и неефикасните внатрешни и надворешни механизми за пријавување и гонење на случаи на тортура и нечовечко постапување спрема осудените лица, се вели во извештајот од последователни посети за состојбата и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија во јули 2021 на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Во насока на подобрување на состојбите и условите во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, во Извештајот се препорачува надлежните институции итно и неодложно: обезбедување на минимални услови за одржување хигиена, услови за спиење и обезбедување квалитет и количество на храна за осудените во КПД Идризово согласно пропишаните стандарди; обезбедување непречен пристап до здравствена заштита на сите осудени лица; информирање на осудените лица за нивните права; обезбедување на материјални услови за хуман третман на осудените лица;  ангажирање соодветен кадар во поглед на ресоцијализација и развивање и имплементирање на соодветни програми за ресоцијализација; решавање на проблемот со водоснабдувањето на КПД Куманово; преземање напори за работно ангажирање на осудените лица; спроведување на когнитивна психотерапевтска програма и образовен процес за осудените лица. Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Елиминација на мачењето и нечовечкото постапување во затворите и установите за лишување од слобода“, финансиски поддржан од Европската Унија, врз основа на теренски посети во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Куманово и КПУ Тетово од страна на претставници од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и надворешни експертки - психијатар и психотерапевт, спроведени во текот на месец јули 2021 година. аа/лв/

Остани поврзан