Хелсиншки комитет: Да се запре со говорот на омраза и замолчување на младите
- Хелсиншкиот комитет за човекови права во денешното соопштение апелира да се запре со говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, но и во некои медиуми, како и замолчувањето на младите.

Скопје, 24 март 2025 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права во денешното соопштение апелира да се запре со говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, но и во некои медиуми, како и замолчувањето на младите.
- Во неделата на жалост по трагедијата со пожарот во Кочани, повторно сме сведоци на загрижувачки пораст на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, но и во некои медиуми. Барањето на одговорност од надлежните институции од страна на граѓаните и особено од страна на младите се поврзува со дејствување на политички партии и наместо достоинство и одговорност, гледаме навреди, обвинувања, говор на омраза и повикување на насилство. Сето ова добива размери на загрижувачки опасна онлајн хајка, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека ваквите напади можат да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните. Истовремено потсетуваат дека говорот на омраза и повиците за насилство на социјалните мрежи претставуваат кривично дело.
Од тие причини од Хелсиншкиот комитет апелираат јавните личности, политичарите, како и сите корисници на социјалните мрежи да бидат одговорни во јавниот говор.
- Во врска со студентските мирни собири кои деновиве се мета на навреди и разни шпекулации дека дејствуваат под нечие влијание, потсетуваме дека правото на мирен собир во Северна Македонија е уставно загарантирано право и е основно човеково право загарантирано со најзначајните меѓународни документи за човековите права.
Никого не треба да зачудува фактот што младите бараат одлучна борба против корупцијата и системските неправилности и неправди во општеството, чиишто жртви се трагично настараданите во Кочани. Од тие причини никој, а особено власта не треба од позиција на моќ да го узурпира гласот на младите, се наведува во соопштението.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека на институциите треба да им се дозволи да ја завршат својата работа и да ги пронајдат и санкционираат одговорните за трагедијата во Кочани, но тоа, како што посочуваат, не се коси со потребата граѓаните да бараат системски промени и артикулирано да ги истакнат своите барања.
- Расчистувањето на причините за несреќата во Кочани е испит и за органите на правосудниот систем кои треба професионално да спроведат темелна и непристрасна истрага, не подлегнувајќи на можни партиски и други притисоци. Во овој случај судиите мора да испорачаат правда, постапувајќи согласно позитивните закони, а во служба на граѓаните и јавниот интерес, се истакнува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет согласно својот мандат, како што посочуваат, ќе ги мониторира протестите и ќе обезбедува бесплатна правна заштита при евентуални случаи на пречекорување на полициските овластувања. дма/лв/
Фото: Лого