• среда, 25 декември 2024

Хелсиншкиот комитет бара јавна осуда за ширењето меѓуетничка омраза

Хелсиншкиот комитет бара јавна осуда за ширењето меѓуетничка омраза
Скопје, 17 август 2022 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека со загриженост констатира дека државната прослава на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор во организација на Владата на Република Северна Македонија, наместо да има обединувачки карактер, беше уште еден повод за ширење омраза и меѓуетничка нетрпеливост. Сметаат дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури и ја повикуваат Владата да ги осуди изливите на омраза и суштински да се посвети на социјалната кохезија во државата - Најавата на водителката на македонски јазик, која беше исвиркана од страна на присутните, директно се коси со идејата за мултикултурен фестивал и предизвикува омраза меѓу етничките заедници во државата. Уште повеќе загрижува отсуството на осуда од страна на Владата, кое дополнително влијае на поларизацијата во општеството,  се наведува во соопштението од Хелсиншки комитет. Посочуваат дека во континуитет го следат и реагираат на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. - Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчест основ за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе. Токму затоа сметаме дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, особено во ситуација кога другите механизми за справување со овој феномен се практично нефункционални. Без јасна и недвосмислена осуда на лицата кои што ги разгоруваат меѓуетничките односи, несомнено се обесмислува и прославата за Охридскиот договор, во чиј дух е содржан соживотот, мирот и инклузивноста во општеството, стои во соопштението од Хелсиншки комитет. Од Хелсиншки комитет посочуваат дека политичарите не смеат да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така и самите придонесуваат во потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација. фф/ац/

Остани поврзан