• сабота, 23 ноември 2024

Хаџиу: Додека граѓаните се жалат на уништени патишта, коалицијата ДУИ - Арсовска - Левица го враќа споменикот на Ќосето

Хаџиу: Додека граѓаните се жалат на уништени патишта, коалицијата ДУИ - Арсовска - Левица го враќа споменикот на Ќосето

Скопје, 23 септември 2024 (МИА) - Додека граѓаните се жалат на уништени патишта и неуспешно управување на градот, коалицијата ДУИ - Арсовска - Левица ги насочува своите сили кон враќањето на споменикот на Андон Лазов-Ќосето, целосно игнорирајќи ги реалните потреби на граѓаните, изјави денеска Фериде Хаџиу од коалицијата ВЛЕН на кружниот тек кај ТЦ „Ист гејт“, каде е поставена градежна табла како подготовка за повторно поставување на споменикот.

Според Хаџиу, градоначалниката на Град Скопје, Данела Арсовска е одговорна за враќањето на споменикот, а ДУИ е подготвена да прави коалиции со кого било, за да се спаси од одговорноста за кривичен прогон.

- Пратеникот Блерим Беџети од „Европскиот фронт“ кој некогаш го критикуваше Али Ахмети, велејќи дека само два проценти од програмата на ДУИ е реализирана во Владата на СДСМ, за потоа да се врати во криминалното гнездо, сега е дириктен извршител на враќањето на вакви споменици во центарот на Скопје, во соработка со најнеуспешната градоначалничка на Градот Скопје, Данела Арсовска и советниците од антизападната опција Левица, рече Хаџиу.

Додаде дека Беџети во јавноста се појавува како заинтересиран за Албанците, а дејствува спротивно на интересите на Албанците, создавајќи, како што рече, непринципиелни коалиции и работејќи против граѓаните. бт/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан