• вторник, 12 ноември 2024

Хасани: Северна Македонија и Албанија делат заеднички интереси и заедничка визија за иднината

Хасани: Северна Македонија и Албанија делат заеднички интереси и заедничка визија за иднината

Скопје,17 јануари 2024 (МИА) - Албанија и Северна Македонија остварија впечатливи резултати во однос на евроинтеграцијата, успешно го завршивме процесот на скринингот и сме во очекување на понатамошните чекори. И двете земји на тој пат се соочивме со бројни предизвици. Заедно поминавме голем дел од ова патување поддржувајќи се меѓу себе и нашата соработка треба уште повеќе да се продлабочи и зајакне и да направиме што повеќе за регионот да го видиме таму каде што сакаме.    

Ова го истакна министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани, на заедничката прес-конференција со неговиот колега и домаќин шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Денес повеќе од кога било нашите земји, нашите општетства и држави делат заеднички интереси и заедничка визија за иднината. Албанија ќе продолжи да ги следи активностите на Северна Македонија, особоена во оваа изборна година кога ве очекуваат претседателски и парламентарни избори. Очекуваме овој процес да биде успешен и пред се, да не донесе никаква промена во вашата псоветеност за европската иднина, нагласи Хасани.

Во овој контекст, тој ја поздрави институционалната улога што ја има албанската заедница за стабилноста на државава, особено, како што нагласи, за зачувување на евроатлантската перспектива, патување кое беше исполнето со предизвици и тешкотии. Албанија, наведе Хасани, има дадено поддршка и ќе продолжи да ги поддржува конструктивните заложби на Албанците во Северна Македонија во политичките процеси и заложби за консолидација на владеењето на правото, демократијата, социјалната кохезија и рамноправноста меѓу сите граѓани.

-Верувам дека фактот што Северна Македонија прв пат во историјата ќе има премиер од албанска припадност претставува дел од напредокот што го има остварено вашата држава и општество, за што би сакал да покажам восхит и почит за сите државаи. Го поддржуваме изградувањето на едно функционално мултиетничко општество засновано на почитување на Охридскиот рамковен договор и сите други суштински договори, вели Хасани.

Тој го истакна и значењето на Коридорот 8, кој како што рече, како резултат на настојувањата на двете земји стана дел од паневропските коридори и ќе ја трансформира нашата стратешка позиција, нашите економии и перспективи за развој. Затоа треба да инвестираме и да се изнајдат начини како да соработуваме за придобивките од овој коридор и од Планот за раст за Западен Балкан за максимални придобивки на Северна Македонија, Албанија и целиот регион.

Министерот Османи рече дека се согласиле со Хасани оти двете земју треба да го продолжат европскиот пат и да направат повеќе за да го видат регионот во ЕУ.

-Северна Македонија и Албанија се многу повеќе од добри соседи, ние сме пријателски земји со висока меѓусебна поддршка и партнери кои заедно го продолжуваат европскиот пат. Двете земји веќе една година водеа активни преговори со кои успешно го завршија скрининг процесот. Двете земји добија да речам одлични оценки и без никаква задршка се подготвени да ги отворат првите кластери и поглавја од преговорите, и треба да ја забрзаат својата европска интеграција, нагласи Османи.

Според него, евроинтеграцијата, не е единствениот, но е најдобриот пат за суштинска реформа на целиот општествен систем од владеење на правото и борбата против организираниот криминал и корупција, преку засилени инвестициски циклуси, поголеми примања, засилена економска активност, па се до унапредување на квалитетот на животот, образованието, здравствените услуги, социјалата.

-Но тоа е и безбедносно прашање. Во современите предизвици на хибридни закани, надворешни влијанија, но и активна војна на европското тло, интеграцијата на Западниот Балкан во Европа претставува и политичко безбедносно прашање. Европа со длабоко учество и на САД треба да го зајакне своето присуство во регионот, да го засили учеството во политиките на земјите од Западен Балкан и со тоа не само да ја зајакне нашата одбранбена улога, туку и да испрати силна порака на одвраќање како една од клучните безбедносни политики на Европа,  порача меѓу другото Османи.

Во однос на економската соработка, Османи оцени дека таа заостанува зад блиските политички односи, со оглед дека трговската размена изнесува околу 200 милиони евра.

Покрај средбата со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на првата официјална посета на  Северна Македонија,  министерот Хасани, како што е најавено, ќе оствари средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. вг/лв/

Остани поврзан