Хасани: Руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста во Европа и пошироко
- Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани смета дека руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста на европскиот континент и пошироко.
Тирана, 18 мај 2024 (МИА) - Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани смета дека руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста на европскиот континент и пошироко.
Хасани на меѓународната конференција „Ленарт Мери“ (Lennart Meri) во главниот град на Естонија, Талин изјавил дека „Албанија продолжува со својата јасна и цврста позиција во одбрана на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, во согласност со ставот на ЕУ, НАТО и САД".
-Албанија активно ги поддржува напорите и преземените иницијативи за да се обезбеди целосна одговорност за најтешките злосторства според меѓународното право извршени во Украина. Застанувајќи покрај Украина, Албанија ја поддржува политички, економски и воено, до постигнување праведен и стабилен мир, нагласил тој, јави АТА.
Прашан за улогата на Русија во светската безбедност, министерот Хасани, рекол дека „единствениот победник во овие турбулентни времиња е НАТО, сојузот на вредности и нации кои го сакаат мирот и ги почитуваат правата на народите".
Министерот Хасани остварил средби со премиерката Каја Калас, неговиот естонски колега Маргус Цахкна и шефот на Комисијата за надворешна политика во естонскиот парламент, Марко Михкелсон на кои изразил благодарност за континуираната поддршка на Естонија за процесот на интеграција на Албанија и Балканот во ЕУ. вт/рп/
Фото: ФБ на Хасани