• сабота, 23 ноември 2024

Хасани: Албанија го осудува жестокиот напад на Иран, кој ќе донесе голема нестабилност и уништување

Хасани: Албанија го осудува жестокиот напад на Иран, кој ќе донесе голема нестабилност и уништување

Тирана, 14 април 2024 (МИА) – Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани преку објава на Х реагираше за нападот на Иран врз Израел, наведувајќи дека „Албанија го осудува овој напад и дека тоа ќе донесе голема нестабилност и уништување во поширокиот регион“.

- Албанија остро го осудува нападот на Иран врз Израел. Оваа ескалација е сериозна закана за безбедноста на Израел и целиот регион. Тоа ризикува да донесе поголема нестабилност и уништување на поширокиот регион. На Албанците кои се во тој регион им се препорачува да ги следат инструкциите на локалните власти за јавната безбедност и да ги контактираат нашите амбасади за помош, напиша министерот Хасани.

Албанија, на почетокот на септември 2022 ги прекина дипломатските односи со Иран и им нареди на иранските дипломати и на вработените во амбасадата да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.

Тоа, како што тогаш изјави премиерот Еди Рама, е „одговор на иранските кибер напади од јули“.

- Владата одлучи моментално да ги раскине дипломатските односи со Исламската Република Иран. Овој екстремен одговор е целосно пропорционален со големината и ризикот на кибер нападот кој се закани да ги парализира јавните услуги, избрише дигиталните системи, хакира државните документи и да предизвика хаос и несигурност во земјата, рече Рама.

Двете земји имаат тензични односи од 2014 кога Албанија прими 3.000 членови на протераната опозициска група Народна муџахединска организација на Иран (МАК), кои се сместени во камп во близина на пристанишниот град Драч. вт/паг/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан