• сабота, 23 ноември 2024

Харис го обвини Трамп за непочитување на „светата земја“- гробиштата Арлингтон

Харис го обвини Трамп за непочитување на „светата земја“- гробиштата Арлингтон

Вашингтон, 1 септември 2024 (МИА) - Американската потпретседателка и демократска кандидатка за нов американски претседател, Камала Харис, го обвини нејзиниот ривал во претседателската трка во ноември, Доналд Трамп, дека не ја „почитува светата земја“ на националните воени гробишта Арлингтон за време на неговата посета.

-Доналд Трамп одлучи таму да сними видео што резултираше со конфликт со персоналот на гробиштата. Дозволете ми да бидам јасна: поранешниот претседател не го почитуваше светото место, рече таа.

Поранешниот претседател во понеделникот ги посети националните гробишта Арлингтон, во близина на Вашингтон, за да учествува на церемонијата во чест на 13 војници убиени за време на повлекувањето на американските сили од Авганистан во 2021 година.

За време на посетата избила расправија меѓу тимот на Доналд Трамп, кој сакал да го сними настанот, и персоналот на гробиштата, соопштија во средата од гробиштата Арлингтон.

Придружбата на републиканскиот кандидат, кој продолжува да ги критикува демократите поради хаотичното повлекување на САД од Авганистан во август 2021 година, одговори со изјава во која наведе дека присуството на неговиот фотограф било одобрено.

Американската војска потврди дека вработена во Арлингтон „ненадејно била турната“ за време на посетата на Доналд Трамп додека се обидувала да спроведе федерален закон со кој се забранува секаква политичка активност на гробиштата.

-Ова беше несреќен инцидент, а исто така е жално што вработената (на гробиштата) и нејзиниот професионализам беа доведени во прашање, рече портпаролот на американската војска.

Камала Харис го критикуваше ставот на Доналд Трамп, велејќи дека гробиштата „не се место за политика“.

„Ако постои нешто за што ние како Американци можеме да се согласиме, тоа е дека нашите ветерани, воени семејства и војниците треба да се почитуваат, никогаш да не се омаловажуваат и да се третираат со ништо помалку од нашата највисока почит и благодарност“, напиша таа.

„Моето верување е дека личноста која не е во состојба да ја исполни оваа едноставна и света должност никогаш повеќе не треба да биде претседател на САД“, додаде таа.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан