• четврток, 19 декември 2024

Хардаљас: Имаме тешка вечер пред нас, изгореа околу 2.000 хектари шума

Хардаљас: Имаме тешка вечер пред нас, изгореа околу 2.000 хектари шума
Атина, 20 мај 2021 (МИА) – Ќе биде тешка вечер, од сите што се во поширокиот регион, бараме претпазливост, водиме битка во тешки услови, рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на вонредната прес конференција за пожарот во околината на Коринт и соопшти дека е активиран целиот механизам за зашитита на луѓето, а процените се дека изгореле околу 2.000 хектари шума, јави дописничката на МИА од Атина. Хардаљас објасни дека пожарот започнал од горење на остатоци од маслиново дрво, но и дека на терен се 265 пожарникари со десет пешадиски тимови од војската, а од шест часот утрово се интервенира и од воздух со авиони и хеликоптери. Дополнително, помагаат цистерни од општината и волонтери. Од Секретаријатот за цивилна заштита, со две пораки испратени во 14 и 15 часот, преку специјалниот број за итни случаи 112, побараа од жителите на повеќе делови во близина на Коринт да ги напуштат домовите, а досега, превентивно, евакуирани се 12 населби и два манастири. Пет од селата беа евакуирани синоќа, а останатите седум во текот на денешниот ден. Поради ветерот, пожарот се шири брзо, а неофицијално, според медиумите, дел од куќите претрпеле материјална штета. Пожарот е на околу 80 километри од Атина, а чадот, стигна и до грчката престолнина, но и до Кикладските острови. ср/

Остани поврзан