• вторник, 26 ноември 2024

Харадинај: Новата база на НАТО во Албанија е база на безбедноста на Балканот

Харадинај: Новата база на НАТО во Албанија е база на безбедноста на Балканот

Приштина, 4 март 2024 (МИА) – Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, поранешниот премиер Рамуш Харадинај изјави дека воздухопловната база на НАТО, која денеска беше отворена во Кучова, Албанија, е „регионална безбедносна база на Балканот“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека близината на НАТО го прави Косово „послободно и побезбедно“, но додаде дека полноправното членство на земјата во алијансата „би ја направило безбедноста поцелосна“.

- Воздухопловната база на НАТО во Кучово во Албанија, која беше отворена денеска, е регионална безбедносна база на Балканот. Колку сме поблиску до НАТО, толку сме послободни и побезбедни, но полноправното членство на Косово во оваа Алијанса би ја направило безбедноста поцелосна, напиша Харадинај.

Опозицискиот лидер ѝ честита на Албанија за „природното усогласување“ во НАТО, додека за владата на Албин Курти вели дека „го срамоти Косово со напуштањето на политичкиот договор со лидерите на НАТО“.

- Ѝ честитам на Албанија за природното усогласување во оваа Алијанса, но не можам а да не ја изразам мојата длабока огорченост од владата на Албин Курти, која го срамоти Косово со напуштањето на политичкиот договор со лидерите на НАТО, напиша Харадинај. иа/мс/

Остани поврзан