• сабота, 23 ноември 2024

Хантер Бајден пред суд се изјасни за невин за даночна измама

Хантер Бајден пред суд се изјасни за невин за даночна измама

Вашингтон, 12 јануари 2024 (МИА) - Хантер Бајден, син на американскиот претседател Џо Бајден, вчера пред федералниот суд во Лос Анџелес се изјасни за невин по обвиненијата за затајување данок што произлегуваат од неговите деловни зделки, што поттикна истрага за импичмент на неговиот татко.

Судијата закажа судење за 20 јуни, а доколку биде прогласен за виновен, Хантер се соочува со затворска казна до 17 години.

Бајден помладиот не им се обрати на новинарските екипи и демонстрантите кои чекаа пред судот по сослушувањето. Неговиот адвокат, Абе Лоуел, рече дека неговиот клиент ги вратил даноците и го гонат поради познатото презиме.

Хантер Бајден (53) е обвинет дека не платил најмалку 1,4 милиони долари федерални даноци од 2016 до 2019 година, додека потрошил милиони долари на екстравагантен начин на живот, вклучувајќи дрога, ескорт дами и луксузни автомобили.

Апострофирана е неговата „добра заработувачка“ како член на одборите на директори на украинскиот индустриски конгломерат и кинескиот приватен капитал. Но, како што му се зголемувале приходите, така се зголемувале и трошоците, па само во 2018 година, според обвинението, потрошил повеќе од 1,8 милиони долари, но ништо за плаќање данок. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан