• среда, 18 декември 2024

Хамилтон нема да вози за Ферари на тестот во Абу Даби

Хамилтон нема да вози за Ферари на тестот во Абу Даби

Лондон, 14 ноември 2024 (МИА) – Луис Хамилтон ќе мора да почека до 2025 година за својот прв тест во болидот на Ферари.

Поради фактот што преминувањето на Хамилтон од Мерцедес во Ферари беше познато уште од почетокот на годината, Луис и италијанскиот тим се надеваа дека ќе постигнат договор со Мерцедес и ќе добијат дозвола за учество на тестовите на гумите во Абу Даби, кои традиционално се одржуваат на крајот на сезоната во Формула 1.

Сепак, според „Моторспорт“, страните не успеале да постигнат договор. Забележано е дека Мерцедес не би имал ништо против да го ослободи Хамилтон порано, но тие самите се обврзани со договорни обврски.

Конкретно, станува збор за учество на Хамилтон на неколку промотивни настани пред крајот на годината. Ова го вклучува појавувањето на Хамилтон на настан организиран од „Петронас“, насловниот спонзор на Мерцедес. И овој настан ќе се одржи истиот ден со тестовите во Абу Даби.

Затоа Хамилтон ќе мора да почека до почетокот на 2025 година за да ги спроведе првите тестови. За приватни тестови, можете да користите автомобили кои се стари најмалку две години. На почетокот на годината, ќе се организира сесија за Хамилтон зад воланот на болидот на Ферари од 2022 година (болидот од 2023 година може да се користи само по официјалниот почеток од сезоната 2025).

Плановите ги потврди шефот на Ферари, Фредерик Васер.

- Мислам дека нема да му треба многу време да се прилагоди. Тој е доволно искусен возач за да биде брз од првиот ден или едноставно да се аклиматизира прилично брзо. Ќе имаме едно или две тест возења во болидот од 2022 година, плус претсезонски тестирања во Бахреин. Тоа ќе биде сосема доволно, потенцира Васер.

Сезоната 2025 во Ф1 шампионатот ќе почне во средината на март со трката за Големата награда на Австралија. зс/

Фото: ЕПА 

Остани поврзан