• четврток, 26 декември 2024

Хамас: Трајниот прекин на огнот останува главен услов за разговори за размена на заробеници

Хамас: Трајниот прекин на огнот останува главен услов за разговори за размена на заробеници

Газа, 23 јануари 2024 (МИА) - Главен услов за Хамас за разговори за размена на заробеници со Израел и натаму останува целосниот прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на ова палестинско движење, Валид Килани, додавајќи дека групата се уште не го добила предлогот на Израел за двомесечен прекин на огнот во палестинската енклава.

-Главниот услов не е привремен, туку траен прекин на огнот. Дури потоа ќе се разговара за други прашања, како што е размената на заробеници и продолжувањето на хуманитарната помош, изјави Килани за агенцијата Анадолија. 

Калани додаде дека лидерите на Хамас го виделе новиот израелски предлог во медиумите, но не го добиле официјално.

Порталот Аксиос претходно денеска објави дека Израел преку катарски и египетски посредници претставил предлог за прекин на воената офанзива против Хамас на два месеци, во замена за постепено ослободување на преостанатите 136 заложници во Газа. 

Со овој израелски предлог не се прифаќа барањето на Хамас за целосен прекин на војната, но оди чекор подалеку од тоа што Израел го направи во претходните понуди, објави американската веб-страница, цитирајќи двајца израелски претставници. 

Според предлогот, договорот би вклучувал ослободување на сите преостанати живи заложници и враќање на телата на загинатите заложници во неколку фази. 

Израелските власти соопштија дека чекаат одговор од Хамас, но истакнаа дека се внимателни оптимисти за можноста за напредок во наредните денови.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан