Хамас соопшти за напредок во разговорите во Доха за некои клучни прашања за прекин на огнот во Газа
- Палестинското движење Хамас денеска соопшти дека има напредок во разговорите во Доха за некои од клучните прашања околу договорот за прекин на огнот во Газа.
Газа, 13 јануари 2025 (МИА) - Палестинското движење Хамас денеска соопшти дека има напредок во разговорите во Доха за некои од клучните прашања околу договорот за прекин на огнот во Газа.
„Постигнат е напредок во преговорите за некои клучни прашања и работиме на тоа да ги завршиме преостанатите прашања наскоро“, изјави претставник на палестинското движење за западни медиуми.
Хамас претходно најави дека се подготвува за можно ослободување на палестинските затвореници поради извештаите за значителен напредок во преговорите за прекин на огнот во Газа, јави ДПА.
„Го обновуваме нашето ветување на нашиот непоколеблив, трпелив народ и нашите херојски затвореници и потврдуваме дека наскоро ќе бидат на слобода“, рекоа претставници на групата.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар на средбата во Ерусалим со неговиот дански колега Ларс Локе Расмусен изјави дека го информирал за напредокот во индиректните разговори меѓу Израел и Хамас во Катар.
Разговорите во Доха се фокусирани на ослободување на палестинските затвореници во замена за заложниците кои ги држи Хамас и за возврат - повлекување на израелските војници од Газа.
Хамас ослободи 105 заложници за време на привремениот прекин на огнот кон крајот на ноември 2023 година. За возврат, Израел ослободи 240 палестински затвореници од своите затвори. рп/
Фото: МИА архива