• вторник, 24 декември 2024

Хамас се враќа во деловите на Газа од кои се повлече израелската армија

Хамас се враќа во деловите на Газа од кои се повлече израелската армија

Рафа, 3 февруари 2024 (МИА) - Припадниците на екстремистичката група Хамас повторно беа видени како се распоредуваат на позиции и им исплаќаат плати на државните службеници во областите на Газа од кои Израел ги повлече своите војници пред еден месец.

-Знаците за оживување на Хамас во најголемиот град во Газа се доказ, според Асошиејтед прес, за издржливоста на групата иако Израел со месеци ја напаѓа областа од воздух и од земја, од почетокот на конфликтот на 7 октомври, пренесе Бета.

Израел соопшти дека е решен да го уништи Хамас и да го спречи да се врати на власт во Газа, енклавата со која владее од 2007 година.

Четворица жители на градот Газа изјавија дека виделе членови на Хамас во униформа и цивилна облека на нивните полициски пунктови и во близина на владините канцеларии, но и недалеку од болницата Шифа.

Тие рекоа дека државните службеници се враќаат на работа, но и дека Израел последователно ги бомбардирал тие владини канцеларии од воздух.

Враќањето на полицијата на Хамас означува обид да се воспостави ред во разурнатиот град откако Израел повлече значителен број војници од северниот дел на Газа минатиот месец, изјави претставник на Хамас, пренесува Бета.

Тој додаде дека лидерите на Хамас наредиле повторно воспоставување на редот во северните делови на Газа од кои се повлекле израелските сили, а работата на полицијата е да му помогне на цивилното население, да евакуира и да спречи ограбување на напуштени куќи.

Во меѓувреме, борбите продолжија во јужниот дел на Газа.

Најмалку 11 лица се повредени кога израелската армија пукала со димни бомби врз раселените лица кои се засолниле во седиштето на палестинската Црвена полумесечина во јужниот град Кан Јунис, соопшти организацијата.

Израелската армија објави дека операциите во Кан Јунис ќе продолжат уште неколку дена.

Најмалку 17 лица, меѓу кои жени и деца, се убиени во текот на ноќта во два одвоени воздушни напади во најјужниот град Рафа во Газа на границата со Египет, според канцеларијата за регистрација на болницата Абу Јусеф ал-Наџар, каде што се однесени телата на загинатите. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан