Хамас: Изјавите на Трамп го загрозуваат примирјето во Газа
- „Овие закани ја усложнуваат ситуацијата со договорот за прекин на огнот и го охрабруваат окупаторот (Израел) да не ги почитува своите обврски“, се наведува во соопштението на Хамас, објавено на Телеграм.

Газа, 6 март 2025 (МИА) - Палестинското исламистичко движење Хамас денеска ги осуди заканите на американски претседател Доналд Трамп, кој вчера изјави дека испраќа „последно предупредување“ до групата за да ги ослободи сите преостанати заложници, пренесува ДПА.
„Овие закани ја усложнуваат ситуацијата со договорот за прекин на огнот и го охрабруваат окупаторот (Израел) да не ги почитува своите обврски“, се наведува во соопштението на Хамас, објавено на Телеграм.
Во објава на својата социјална мрежа „Трут Соушал“, Трамп вчера напиша: „Ослободете ги сите заложници сега, а не подоцна, и веднаш вратете ги телата на луѓето што ги убивте, или со вас е свршено.“
Американскиот претседател, исто така, ги повика лидерите на Хамас да ја напуштат Газа, а до жителите на енклавата упати порака дека треба да донесат „паметна одлука“ и да ги ослободат заложниците, предупредувајќи: „Ако не го направите тоа, ќе платите.“
Портпаролот на Хамас, Абдел-Латиф ал Кануа, изјави дека најдобриот начин за ослободување на преостанатите израелски заложници е преку втората фаза од преговорите, кои требаше да започнат во почетокот на февруари.
Хамас тврди дека ги исполнил сите обврски од првата фаза на спогодбата и повика Вашингтон да изврши притисок врз Израел за спроведување на втората фаза, која предвидува размена на заложници и затвореници и конечно завршување на војната во Газа.
Според достапните информации, Хамас сè уште држи 24 живи заложници, киднапирани во нападот на 7 октомври 2023 година, како и телата на 34 други кои биле убиени за време на нападот или подоцна во заробеништво. Движењето, исто така, ги чува и посмртните останки на израелски војник убиен во војната во 2014 година.
Во првата 42-дневна фаза од прекинот на огнот, Хамас ослободи 25 израелски заложници и предаде осум тела, во замена за речиси 2.000 палестински затвореници. Оваа фаза заврши во саботата. ссм/
фото: архива